Mehmet Hatipoğlu
14 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
АТИНА (АА) - Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, истакна дека Договорот од Преспа за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција е историски, патриотски и корисен договор од национален аспект, и дека е горд со тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкиот премиер Ципрас се обрати синоќа на панел-дискусијата во врска со Договорот од Преспа, организирана во главниот град на оваа земја, Атина, каде што рече дека грчката Влада својот избор го направила со историска одговорност, преземајќи политичка цена во корист на стабилноста и соработката на регионот, како и во насока на националните интереси на Грција, и според него тоа ќе продолжи до крај.
Ципрас истакна дека со овој договор Грција и Македонија од долгогодишен период полн со спорови, преминале во период на повеќенасочна соработка и заеднички развој.
„Овој договор во исто време вклучува и една порака за денешното време. Тој покажува дека можеме да ги заздравиме раните и во најтешките услови, свртувајќи го нашиот грб на екстремно десничарските и националистичките движења, колку и да се моќни. Ние имаме храброст да го направиме тоа“, додаде Ципрас.
Ципрас нагласи дека некои страни во неговата земја, ширејќи лажни вести, се против договорот постигнат со Македонија, и дека СИРИЗА се зема како цел на страните што се насочуваат од страна на екстремно десничарските субјекти и религиозните страни.
Според Ципрас, цел на овие страни не е Владата, туку демократијата. „Тие не можат да нè уплашат. Пратениците во Парламентот ќе гласаат според нивна совест, во насока на националните интереси“, рече Ципрас.
Грчкиот премиер подлвече дека Договорот постигнат со соседната Македонија е историски, патриотски и корисен договор од национален аспект.
„Вистински патриотизам не е да изразиш омраза за татковината на другите, на тие што се наоѓаат до тебе. Вистински патриотизам е да водиш борба за твојата татковина да ја доведеш на преден план во насока на мирот, соработката и економската благосостојба“, додаде тој.
Ципрас се осврна и на растот на екстремно десничарската идеологија во Европа, и рече дека демократските сили имаат историска одговорност за тоа, но тие задоцниле со преземање на таа одговорност.
Тој истакна дека екстремно десничарската идеологија веќе стана феномен во Европа, и дека со цел да пробие до народот во повеќе земји таа идеологија ги искористува нерамноправноста и погрешните политики спроведувани во име на интеграцијата на Европа.
„Екстремно десничарската идеологија во Европа денес излезе од опасното сценарио кое не се гледа, и стана ужасен факт кој се заканува на европската идеологија“, нагласи премиерот на Грција, Алексис Ципрас.
Потсетуваме, грчкиот министер за одбрана и лидер на партијата Независни Грци (АНЕЛ), Панос Каменас, вчера најави повлекување од министерската позиција, поради Договорот од Преспа.
Каменос, по состанокот со Ципрас во Атина, изјави дека неговата партија ќе се повлече од грчката Влада.
„Се сретнав со премиерот. Имавме долг разговор. Имаше соработка цели четири години во Владата на национално единство... Две партии од различни области се здружија и успеаја да ја одвлечат Грција од меморандумите. Првата цел беше постигната“, изјави Каменос и додаде:
„Прашањето за Македонија, прашање за кое илјадници беа убиени, не ми дозволува да не го жртвувам моето место во Владата.“