Canberk Yüksel
12 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американската авиокомпанија „United Airlines“ упати извинување до патникот, кој во неделата насилно беше симнат од авионот што требаше да лета на релација Чикаго- Луисвил, два дена по инцидентот што предизвика гнев кај патниците и кај американската јавност, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Настанот на тој лет предизвика многу одговори кај сите нас: бес, гнев, разочарување. Ги делам сите овие чувства и, пред сѐ, јас се извинувам за сѐ што се случи“, напиша генералниот директор Оскар Муњоз во соопштението.
Второто соопштение стигна по првото писмо во кое Муњоз ја оправдува реакцијата на персоналот, истакнувајќи дека однесувањето на патникот било деструктивно и агресивно, што доли масло на огнот и предизвика лавина негативни коментари на социјалните мрежи.
„Како и вие, и јас сум вознемирен од она што се случи на летот и најискрено му се извинувам на патникот кој е насилно симнат, како и на сите патници во авионот. Никој не треба да биде третиран на тој начин“, стои во последното соопштение на Муњоз.
До инцидентот дошло откако лет на „United Airlines“ беше пребукиран, поради што персоналот замолил неколку патници да го напуштат авионот за да ги сместат своите вработени. Компанијата на патниците им понудила компензација од 800 долари и преноќување во хотел. Откако немало доброволци, патниците биле одредени по случаен избор, од кои тројца ја прифатиле понудата, додека лекарот негодувал тврдејќи дека следниот ден има закажани термини со пациентите.
На снимките, направени од страна на другите патници и поставени на социјалните мрежи, се гледа како обезбедувањето насилно извлекува патник, а потоа го влече по подот на авионот до излезот.
Подоцна се испостави дека станува збор за Дејвид Дао, лекар од Кентаки, додека еден од припадниците на обезбедувањето кој го насилно го влечел е суспендиран.
„Ја преземаме одговорноста и ќе преземеме сѐ со цел да ја разрешиме ситуацијата“, порача генералниот директор на компанијата.