Hakan Çopur
12 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, за ракетниот напад што САД го извршија врз позициите на режимот на Асад изјави: „Не влегуваме во Сирија, но луѓето користат страшни хемиски оружја и видов како татковците во своите раце ги држат убиените бебиња. Во тој момент го побарав генерал Матис (министер за одбрана на САД) и го прашав што ќе преземеме“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Трамп беше гостин на телевизискиот канал „Фокс бизнис“, во емисијата „Утра со Марија“ со водителката Марија Бартиромо.
Во емисијата, претседателот Трамп зборуваше за нападот врз воената база „Шајрат“ на Асадовиот режим, истакнувајќи дека одлуката за напад е на место и дека поради употребата на хемиско оружје во регионот, тоа требало да се направи многу порано.
Трамп истакна дека САД не планира да изведе голема воена операција во Сирија. „Не влегуваме во Сирија, но луѓето користат страшни хемиски оружја и видов како татковците во своите раце ги држат убиените бебиња. Во тој момент, го побарав генерал Матис и го прашав што ќе преземеме“, додаде тој.
- „Со сигурност мораме да преземеме нешто“ -
Трамп рече дека ниту најлошите тирани во светот не би користеле такво хемиско оружје земајќи ги како цел луѓето, како што тоа го прави Асад, и додаде дека откако ги прегледал снимките од хемискиот напад, решил дека нешто мора да се преземе.
Покрај тоа, Трамп изјави: „Кога на група луѓе се фрла хемиско оружје и барелни бомби, тогаш гледате деца без раце, нозе и распарчени лица“, мислејќи на Асад, коментираше: „Тој е животно“.
Во врска со Сирија и употребата на хемиското оружје, алудирајќи на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, Трамп изјави „Она што го направив јас, администрацијата на Обама требаше да го направи многу порано. Сметам дека тогаш Сирија ќе беше во многу подобра ситуација од онаа во која се наоѓа сега“.
Претседателот на САД ја критикуваше и поддршката што Русија му ја дава на раководството од Дамаск.
Трамп во емисијата „Утра со Марија“ рече: „Путин дава поддршка за една навистина многу лоша личност и тоа е многу лошо и за Русија, и за човештвото, и за светот“.
- Зголемување на превентивните мерки кон Северна Кореја -
Истакнувајќи дека нема да се двоуми да преземе превентивни мерки околу нуклеарната програма на Северна Кореја, Трамп рече дека во подрачјето е испратена многу моќна флота и оти САД поседуваат моќни подморници.
Трамп смета дека преземените чекори се значајна превентивна мерка во подрачјето кон Северна Кореја, и истакна дека ќе ги заштитат своите сојузници во регионот.
Исто така, тој изјави дека не сака отворено за зборува за чекорите што ќе бидат преземени против Северна Кореја. „Обама многу однапред беше рекол дека ќе изведе операција во Мосул и секој се имаше подготвено“, потсети Трамп и додаде дека тој тоа нема да го направи.