Gamze Türkoğlu Oğuz
01 Март 2019•Ажурирај: 03 Март 2019
САН ФРАНЦИСКО (АА) - „Јутуб“ („YouTube“) ќе го деактивира делот за коментари скоро во секое видео каде што на преден план се децата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на „Јутуб“, по вестите објавени минатата недела во врска со тоа дека педофилите пишувале несоодветни коментари на видеата во кои се наоѓаат деца, донесена е одлука за деактивирање на делот за коментари во сите овие видеа.
Се вели дека процесот околу тоа започнал минатата недела, и дека овој процес ќе трае неколку месеци.
Откако беше откриено дека се поставуваат несоодветни коментари на детските видеа, компаниите како „Нестле“ (Nestle), AT&T и „Епик гејмс“ (Epic Games) ги повлекоа своите реклами од „Јутуб“.
Според соопштеното, на многу мал број канали ќе им биде дозволено да го активираат овој дел за коментари во видеата во кои се наоѓаат деца, под услов коментарите да бидат следени на активен начин.
„Според нас, ништо не е поважно од осигурување на безбедноста на младите лица на оваа платформа“, напиша главната извршна директорка на „Јутуб“, Сузан Вујчиски, на нејзиниот твитер-профил.