Mohammad Fahim Abed
17 Јануари 2016•Ажурирај: 18 Јануари 2016
КАБУЛ (АА) - Најмалку 13 лица се убиени, а 14 лица се ранети во самоубиствениот напад на куќата на лидерот на една племенска заедница во Џалалабад, главниот град на источниот авганистански регион Нангархар, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Канцеларијата на гувернерот на Нангархар, Атаула Хогјанај за АА рече дека нападот е изведен синоќа во текот на свечениот прием во куќата на локалниот племенски лидер Малек Осман.
"Осман во својата куќа приреди прием со пригодна верска програма поради тоа што неговиот син е пуштен на слобода по неколку дена поминати во заробеништво кај талибанците, а напаѓачот самоубиец ја активирал бомбата на себе во текот на тој прием", кажа Хогјанај.
Во експлозијата загинаа најмалку 13 лица, а меѓу 14-те ранети има неколку животно загрозени, па се стравува дека билансот на смртно настраданите би можел да порасне. Досега никој не ја презеде одговорноста за овој напад.