Ayhan Şimşek
27 Август 2025•Ажурирај: 27 Август 2025
БЕРЛИН (АА) - Германија денес ја критикуваше одлуката на американската администрација за воведување санкции за официјални претставници на Меѓународниот кривичен суд (МКС), јавува Анадолу.
Германското Министерство за надворешни работи на социјалните мрежи соопшти дека целосно го поддржува ставот на шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, за американските санкции кон МКС.
„МКС се залага за меѓународна кривична правда и одговорност, а Германија е на страната на МКС. Ние се спротивставуваме на санкциите за двајца судии и двајца заменици-обвинители“, соопшти Министерството.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави нов круг санкции насочени кон официјални лица на МКС, поради истрагите за воени злосторства во Газа и издавањето налози за апсење на израелски лидери.
Во неделата Калас објави соопштение во кое изрази длабоко жалење за одлуката на САД и ја потврди силната поддршка на ЕУ за МКС.
„Нападите или заканите врз судот, избраните функционери, персоналот и оние што соработуваат со судот се неприфатливи. МКС мора да може да работи независно и непристрасно“, рече таа.
„ЕУ ќе обезбеди целосна поддршка и придонес за да се обезбеди заштита на судот и неговиот персонал од надворешни притисоци или закани. Ги повикуваме сите држави да обезбедат целосна соработка со судот, вклучително и преку брзо извршување на преостанатите налози за апсење“, додаде таа.