Erbil Başay
09 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија повторно покрена проценка за дејствувањето на терористичката организација ФЕТО на подрачјето на оваа земја, објавија германските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Германскиот магазин „Дер Шпигел“ (Der Spiegel), во најновиот број објавува истражување извршено во соработка со програмата „Репорт Мајнц“, која се емитува на првата германска телевизија АРД (ARD), а во кое се наведува оти е јасно дека во ФЕТО зад еден модерен и секуларен фронт стои авторитативниот систем.
„Дер Шпигел“ наведува дека еден пребегнат член на ФЕТО за првпат раскажал за внатрешната структура на организацијата во Германија.
„Ова лице зборува за едно антидемократско движење“, се наведува во текстот.
Освен тоа, истото лице движењето го гледа како 'тајна паралелна структура во која важните одлуки ги носи еден верски лидер'. Исто така, пребегнатиот челник нагласува дека строгата хиерархија во организацијата потсетува на организирана криминална структура.
Новинарот на германскиот магазин се повикува и на овогодишниот извештај на МНР на Германија, во кој Владата на Германија го става ФЕТО во „критична“ категорија.
Во извештајот се наведува дека изворите на Амбасадата на Германија во Турција се согласуваат со фактот дека припадниците на ФЕТО со децении се инфилтрирале во државните институции на Турција, особено во полицијата и правосудството.
Владата на Германија покрена повторна проценка за дејствувањето на ФЕТО во оваа земја, а наведено е дека Министерството за надворешни работи на Германија сè повеќе ги зема за сериозно проценките на турските извори за ФЕТО.
Во текстот во „Дер Шпигел“, две лица кои го напуштиле ФЕТО зборуваат на четири страници, за она што го поминале додека биле во организацијата.
Исто така се наведува дека припадниците на ФЕТО во Германија, за да го заштитат имиџот на лидерот на организацијата, ги менувале имињата на образовните институции во земјата кои дејствуваат во рамките на ФЕТО.
Така на пример, во германскиот град Келн е променето името на училиштето кое претходно се нарекувашe „Дијалог", а сега го носи името на католичкиот свештеник и научник Фердинанд Франц Валраф.