Diyar Güldoğan
05 Март 2024•Ажурирај: 06 Март 2024
ГАЗА (АА) - Израелската војска пукаше кон Палестинците додека ги чекале камионите со помош на кружниот тек јужно од градот Газа, пренесува Анадолу.
Канцеларијата за медиуми во Газа соопшти дека израелскиот напад врз Палестинците е показател дека Тел Авив сака дополнително да го зголеми гладот и да ги продолжи опсадата и хуманитарната катастрофа во Газа.
Сметајќи ги САД, Израел и меѓународната заедница за одговорни за влошувањето на хуманитарната ситуација во палестинската енклава, Канцеларијата повика на прекин на „геноцидната војна“ и влез на1.000 камиони со помош, особено во северниот дел на Газа.
Во соопштението не се даваат информации за жртвите.
По нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници убивајќи најмалку 30.534 Палестинци и ранувајќи 71.920.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со напади врз Појасот Газа.