ИСТАНБУЛ (AA) - ЃУЛСУМ ИНЏЕКАЈА - Поранешниот американски секретар Хенри Кисинџер за весникот „Волстит џурнал“ („The Wall Street Journal“) на 3 април напиша колумна насловена „The Coronavirus Pandemic Will Forever Alter the World Order“ (Пандемијата на коронавирусот засекогаш ќе го промени светскиот поредок), во која тврди дека светот по коронавирусот веќе никогаш нема да биде ист, додавајќи дека Америка мора да ги заштити своите граѓани од оваа болест и забрзано да се спрема за нова епоха.
Претседателката на Советодавниот одбор на Центарот за дипломатски односи и политички истражувања (DIPAM) со седиште во Истанбул, проф. д-р Есра Хатипоглу, во разговор за Агенција Анадолија (АА) истакна дека Кисинџер со овој негов текст повеќе од очигледно ги поттикнува Соединетите Американски Држави (САД) токму тие да го предводат новиот светски поредок.
„Всушност, Кисинџер јасно подвлекува дека САД и понатаму се најмоќна земја на светот и дека и во овие околности треба да ја искористат таа позиција. Токму на САД им се дава задача за воспоставување нов светски поредок по коронавирусот“, рече Хатипоглу.
Кисинџер во текстот истакнува дека владите во многу земји не успеале ефикасно да управуваат со кризата со пандемијата и дека поради тоа глобалната соработка е неизбежна, со што на некој начин одреди простор за делување на САД во рамките на новиот светски поредок.
Потсетувајќи на Маршаловиот план и проектот „Менхетен“, Кисинџер на американските власти им предлага да го поддржат глобалниот отпор против вирусот, да ги залечат раните на светската економија и да ги сочуваат принципите на либералниот светски поредок.
„Кисинџер смета дека САД, освен што треба да ги заштитат своите граѓани од епидемијата, мораат бргу да делуваат за да ја испланираат новата епоха. Нагласува дека САД, кои ги нарече поделена земја, имаат потреба од активна и далековидна влада која ќе ги совлада огромните пречки што постојат на глобално ниво. Смета и дека откако ќе заврши пандемијата работата на институциите на многу земји ќе биде оценета како неуспешна и дека по коронавирусот светот никогаш нема да биде ист“, рече Хатипоглу.
Кисинџер во текстот говори и за потешкотиите со кои се соочуваат САД во борбата против вирусот, вклучувајќи недостаток на санитетски материјал, недостаток на одделенија за интензивна нега и недоволно тестови.
„Наведува дека американската администрација спречила апсолутна катастрофа со преземените мерки на претпазливост, но нагласува дека е најважно да се спречи ширењето на вирусот, а потоа да се направи пресврт во процесот и да се врати самодовербата на Американците да можат сами да управуваат со себе“, рече Хатипоглу.
Во еден дел од текстот Кисинџер вели дека верува оти влијанието на коронавирусот врз здравјето на луѓето ќе има привремен ефект и дека политичките и економските превирања кои ги предизвика ќе ги чувствуваат многу идни генерации.
„Во тој контекст, тој истакнува дека лидерите во светот претежно борбата против кризата ја водат на национално ниво, напоменувајќи дека ефектите од вирусот не познаваат граници и дека поради тоа ниту една земја, па ниту САД, не можат да се изборат со вирусот преземајќи напори само на национално ниво. Смета дека е повеќе од потребна визија и програма за глобална соработка“, рече Хатипоглу и додаде дека Кисинџер овој текст го напишал смислено за да им даде до јасно знаење на американската администрација, американските граѓани, но и на целата светска јавност дека САД ќе бидат земја што ќе го креира тој нов светски поредок по пандемијата на коронавирусот.
Хатипоглу истакнува дека моменталната несигурност и неизвесност ќе ги натера глобалните актери да заземат различни позиции на глобално ниво.
„Токму поради таквите околности Кисинџер ги изнесува своите идеи и изглед на новиот светски поредок. Со ова исто така се поттикнува американското и светското јавно мислење да размислуваат за сопствените идеи што се однесуваат на новиот поредок. Основната идеја која ја изнесува е да се продолжи на патот за зачувување на глобализацијата, либерализмот и принципите на просветителство, како и дека треба да се спречи преминување на авторитарен светски поредок по коронавирусот“, смета Хатипоглу.
Таа истакнува и дека Кисинџер ја критикува политиката на Доналд Трамп „Првин Америка“ и ја потсетува американската администрација многу повеќе да интервенира и делува во поглед на глобалната политика.
„Јасно е дека Кисинџер им дава задача на САД за воспоставување нов светски поредок по короната. Потсетувајќи дека некогаш Маршаловиот план го спасил светот од комунизмот, смета дека по Ковид-19 САД би требало да бидат светски полицаец, но и во служба на пружање итна помош во можната, како што вели, светска болница“, истакнува Хатипоглу.
Директорот на Институтот за општествени науки при Универзитетот „Бахчешехир“, д-р Бурак Кунтај, смета дека Кисинџер не ја напишал оваа колумна без длабока визија, па поради тоа треба да се чита многу внимателно и студиозно.
„Во текстот тврди дека САД претходно биле една целина, но сега се поделени поради тоа што го загубиле интегритетот. Да, тоа е навистина точно, но САД низ својата историја многу пати се соочија со таа поделеност“, рече Кунтај и додаде дека таа земја по секоја таква ситуација излегувала многу посилна и помоќна, истакнувајќи дека доколку добро управува и со оваа пандемија од целиот процес ќе излезе многу посилна.
„Не е можно САД да се поделат бидејќи американскиот федерализам веќе се претвори во унитарна структура. САД успеваа да излезат уште посилни од сите ситуациии кога чувствуваа поделеност. Но, успехот на САД во оваа ситуација сепак и понатаму зависи од новото водство, новата перцепција и новите перспективи. Во денешниот свет постои израз дека проблемот е глобален, а дека решенијата се национални. Мерките што се донесуваат треба да бидат национални, дури и регионални, па дури и на ниво на град, населби, соседства итн. Мерките треба да бидат такви, но решението мора да биде глобално“, рече Кунтај.
На крајот истакнува дека пандемијата на коронавирусот им покажала на сите луѓе во светот дека ситуацијата е многу неизвесна и хаотична.
„Кога денес ќе ги погледнеме САД, го гледаме претседателот Трамп кој на лекарите во светот отворено им вели да ги остават пациентите во своите земји и да дојдат во САД бидејќи нивните пациенти се поважни. Ако ја погледнете Велика Британија, ситуацијата е уште покомплицирана. Лидерот на Франција не е во состојба самиот себеси да си помогне. Ако ја погледнеме Кина, гледаме дека ниту една информација што ја добиваме од нив не е вистинита. Постои недоверба. Слично е и со Русија. Со други зборови, лидерите на петте земји кои имаат право на вето во Обединетите нации не се во состојба да ја играат улогата на глобално и примерно лидерство“, рече Кунтај.
news_share_descriptionsubscription_contact
