Ömer Faruk Yıldız
03 Јуни 2021•Ажурирај: 03 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Поради внатрешните конфликти и хуманитарната криза по воениот удар во Мјанмар, се предупредува дека земјата може да стане новиот епицентар на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Д-р Абишек Римал, координаторот за итни здравствени состојби за Азија и Пацификот, на Меѓународната федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) во изјавата за „Ејжан инсајдер“ (Asian Insider) рече дека политичката криза предизвикана од воениот удар може да предизвика и пандемска криза.
Подвлекувајќи дека илјадници луѓе ги напуштаат своите домови поради тековните конфликти меѓу Армијата на Мјанмар и бунтовничките вооружени групи, Римал рече: „Поради можниот прилив на бегалци на граничните премини треба да се изградат центри за тестирање и карантин за да се преземат превентивни мерки.“
Тој истакна дека жителите на Мјанмар кои се засолниле во руралните области поради конфликтите се далеку од здравствените установи и додаде: „Хуманитарната помош мора да се достави до регионот што е можно побрзо, ако не сакаме пандемиите и други болести да достигнат високо ниво. Мјанмар може да биде новиот епицентар на Ковид-19.“
Во Мјанмар вчера на Ковид-19 беа позитивни 122 лица. Тоа е најголемо дневно зголемување на случаите на Ковид-19 од февруари.
Воената администрација на Мјанмар прогласи карантин во областа Тонзанг во државата Чин, каде што се регистрирани 50 случаи на Ковид-19.
Во Мјанмар вкупно 143.823 лица биле позитивни на Ковид-19, а 3.218 лица починале поради вирусот.