Muhammed Bilal Kenasari
12 Август 2016•Ажурирај: 13 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Учеството на Русија во акциите против терористичката организација ДАЕШ во Сирија за нас ќе биде задоволство, тоа е ставот на Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на американското Министерство за надворешни работи, Елизабет Трудо, на редовната дневна прес-конференција во Вашингтон се осврна на вестите за повикот на турскиот министер Мевлут Чавушоглу до Русија за учество во акциите против терористичката организација ДАЕШ.
Трудо истакна дека САД по прашањето за борбата против ДАЕШ е во близок контакт со Турција, но исто така и со други сојузници.
„Ако на сите нас приоритет ни е борбата против ДАЕШ и ако тоа е навистина чекор направен во таа смисла, за нас тоа претставува задоволство. Исто така, за нас ќе биде задоволство ако Русија, на покана на Турција стане дел од оваа коалиција во борбата против ДАЕШ. Учеството на Русија во борбата против ДАЕШ нема да ја промени стратегијата на коалицијата“, рече Трудо.
На прашањето на новинарите да ја искоментира одлуката на Русија и Турција за зајакнување на соработката во областа на одбранбената индустрија, Трудо потсети дека Турција е членка на НАТО од 1952 година.
„Веруваме дека е важно земјите-членки на НАТО да обезбедат воен материјал кој работи со помош на системот на НАТО", рече портпаролката.
Во врска со екстрадицијата на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен на Турција, Трудо порача дека двете земји имаат потпишано договор за екстрадиција.
„Јасно е како ќе се одвива овој процес. Тој нема да биде предмет на какво било емоционално или политичко влијание. Како што знаете, некои од документите веќе ги добивме. Продолжуваме со разгледувањето, а исто така, продолжуваме да бидеме во контакт со нашите партнери од Турција. Сепак, треба да се напомене дека ова е еден правен процес и тој оди преку правниот систем“, изјави Трудо.
Таа, исто така, укажа на партнерскиот однос меѓу двете земји.
„Нашето партнерство со Турција трае од 1952 година, од зачленувањето во НАТО. Нашето партнерство со Турција е длабоко, силно и цврсто. Точка“, рече Трудо.
На второто прашање за екстрадицијата на Ѓулен, таа порача дека САД нема да го разгледуваат прашањето за неговата екстрадиција на начин „или ФЕТО или Турција“, и додаде дека таа не знае колку долго би можел да трае тој процес.
„Може да трае со месеци или дури со години. Јас не можам да дадам одредено време“, рече Трудо, и додаде: „Нашата поддршка и партнерство не може да се доведува во прашање“.