Elena Trenchevska Chekovic
21 Октомври 2025•Ажурирај: 22 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Демонстранти денес се собраа пред домот на поранешниот француски претседател Никола Саркози во Париз со цел да му искажат поддршка, јавува Анадолу.
Саркози пристигна во затворот „Ла Санте“ во Париз, по пресудата за „заговор“ во случајот за финансирање од Либија, објави радиодифузерот БФМТВ, повикувајќи се на извор близок до случајот.
Затворот „Ла Санте“, кој се наоѓа во 14. арондисман на Париз, има дел за ранливи затвореници каде што би можело да биде држен Саркози, со оглед на неговата возраст, 70 години, како и статусот на личност со висок профил, според вестите.
На 15 септември Саркози беше осуден на пет години затвор за заговор во случајот поврзан со финансирање од Либија на неговата изборна кампања во 2007 година. Во тоа време не беше наредено негово итно апсење, но подоцна беше повикан да му се соопшти кога и каде ќе ја отслужува казната.
Судот го прогласи Саркози, кој негираше какво било кривично дело, за виновен за заговор, но го ослободи од обвиненијата за корупција и нелегално финансирање.
Обвинителството го карактеризира наводниот договор од 2005 година помеѓу Саркози, тогашен министер за внатрешни работи и тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи - отпадник на Западот - како „ незамислив, нечуен и непристоен пакт за корупција“.
Саркози беше избран за претседател на Франција во 2007 година и ја извршуваше функцијата до 2012 година.