Nur Asena Ertürk
28 Октомври 2024•Ажурирај: 31 Октомври 2024
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека севернокорејски трупи се распоредени во Русија, повикувајќи ги „веднаш да ги прекинат овие акции“, пренесува Анадолу.
Руте истакна дека делегацијата од Република Јужна Кореја го информирала НАТО за зголеменото учество на Северна Кореја во руската војна против Украина.
По брифингот на високи претставници на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја и Министерството за национална одбрана, тој рече:
„Можам да потврдам дека севернокорејски трупи се пратени во Русија и дека севернокорејски воени единици се распоредени во регионот Курск.“
„Овој потег претставува значајна ескалација на тековното вклучување на Демократска Народна Република Кореја во нелегалната војна на Русија и уште едно прекршување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН“, додаде Руте.
Тој рече дека тоа е „опасно проширување на руската војна“ и ги повика Русија и Северна Кореја „веднаш да престанат со овие акции“.
Руте рече дека „распоредувањето севернокорејски трупи во Курск, исто така, е знак за зголемениот очај на Путин“, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин бара „странска поддршка“ против „храброста и издржливоста“ на Украина.
Генералниот секретар вети континуирана поддршка на НАТО за Украина и рече дека во тек се разговори за „потребата од дополнително зајакнување на воената поддршка за Украина“.
За време на заедничката прес-конференција со Руте претходно овој месец украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека 10.000 севернокорејски војници би можеле да им се придружат на руските сили што се борат во Украина.
Тој рече дека според украинското разузнавање постојат информации дека Северна Кореја пратила тактички персонал и офицери на окупираните украински територии.
Претходно Јужна Кореја објави дека Пјонгјанг пратил 1.500 војници во Русија со поморски бродови во период од 8 до 13 октомври за да ја поддржи „специјалната воена операција“ на Москва во Украина што започна во февруари 2022 година.