Darren Lyn
06 Март 2024•Ажурирај: 07 Март 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), демократот Џо Бајден, и републиканецот Доналд Трамп ги остварија очекуваните победи на партиските избори овој „Супер вторник“ и речиси е извесно дека двајцата, како и пред четири години, повторно ќе ги одмерат силите во борбата за место во Белата куќа, пренесува Анадолу.
Во 15 сојузни американски држави вчера (вторник) се одржаа прелиминарни партиски избори, на кои, како што се очекуваше, актуелниот шеф на државата, демократот Џо Бајден, и неговиот претходник, републиканецот Доналд Трамп, јасно ги покажаа своите силни позиции во очите на гласачите пред претседателските избори кои ќе се одржат на 5 ноември годинава.
Бидејќи претседателските избори во САД традиционално се одржуваат во вторник, и повеќето прелиминарни избори, кои во најголемиот дел од сојузните држави се нарекуваат „примарни“, се одржуваат во вторник. Денот во кој најмногу сојузни држави излегуваат на гласање во САД се нарекува „Супер вторник“ (Super Tuesday).
„Супер вторник“ во американската политика се негува уште од претседателските избори во 1984 година и се одредува според изборниот календар на државите кон крајот на февруари или почетокот на март. Победниците на „Супер вторник“ главно ја добиваат претседателската кандидатура во својата партија.
Бидејќи кандидатурата на актуелниот претседател од демократите, Бајден, е веќе извесна и пред конгресот, вниманието на јавноста повеќе го привлече гласањето во редовите на републиканците во кои фаворит е Трамп.
Бајден победи во сите 15 држави - Алабама, Арканзас, Калифорнија, Колорадо, Ајова, Масачусетс, Мејн, Минесота, Северна Каролина, Оклахома, Тенеси, Тексас, Јута, Вирџинија и Вермонт. Единствениот пораз што го претрпе е на американската територија Американска Самоа од речиси непознатиот кандидат Џејсон Палмер.
Трамп лесно ја победи својата последна преостаната голема противкандидатка, Ники Хејли, на предизборите одржани во Алабама, Арканзас, Колорадо, Мејн, Вирџинија, Северна Каролина, Оклахома, Минесота, Тенеси, Тексас и Масачусетс, според проекциите на телевизиските куќи.
Вермонт е единствената држава, барем засега, во која, според проекциите на републиканските предизбори победила Хејли.
Примарниот изборен процес, во кој гласачите на Демократската партија и Републиканската партија ги избираат своите кандидати за претседателските избори, започна во сојузната држава Ајова на 15 јануари, а тој процес ќе заврши на 8 јуни кога двете партии ќе ги потврдат своите кандидати за позицијата шеф на државата.
Републиканците официјално ќе го објават својот кандидат на партискиот конгрес во Милвоки од 15 до 18 јули, а демократите ќе го сторат тоа во Чикаго од 19 до 22 август.