Kenan Irtak
16 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ денес ги откажа сите редовни летови за Авганистан, откако талибанците го зазедоа главниот град Кабул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Се очекува на аеродромот во Истанбул во 14:20 часот да пристигне авионот на „Туркиш ерлајнс“ кој ќе донесе 324 турски државјани од Авганистан.
Авганистанците, странските државјани и дипломатскиот персонал масовно го напуштија Авганистан во последните неколку дена.
Еден ден откако талибанците ја презедоа контролата над Кабул, дојде до хаотични сцени на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ додека стотици луѓе се собраа да се качат на летот од земјата.
Ситуацијата доведе до откажување на сите комерцијални летови од аеродромот.
Брзиот напредок на талибанците низ земјата заврши така што групата денес ја презеде власта, додека владините сили бегаа или се предаваа.
Претседателот Ашраф Гани и неговите блиски соработници исто така ја напуштија земјата, а бунтовниците ја презедоа контролата врз Претседателската палата во Кабул.
По заминувањето на Гани, поранешниот претседател Хамид Карзаи, политичарот Гулбудин Хекматијар и главниот преговарач за мир, Абдула Абдула, формираа совет за да обезбедат непречен трансфер на власта.