Sayed Khodaiberdi Sadat, Büşra Selvi Öğütcen
16 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
КАБУЛ (АА) - Најмалку пет лица загинаа на Меѓународниот аеродром „Карзаи“ во Кабул, каде што пристигнаа илјадници цивили кои сакаат да го напуштат Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако талибанците ја презедоа контролата над Кабул, главниот град на Авганистан, голем број граѓани се обидуваат да ја напуштат земјата.
Најмалку пет лица загинаа на аеродромот каде што на пистата се собраa голем број луѓе, поради што американските војници пукаа во воздух.
Сè уште не е познато дали жртвите загинале во пукотницата што ја отворија американските војници или во стампедото.
Луѓето се во паника откако талибанците вчера влегоа во авганистанската престолнина Кабул и ја презедоа контролата над Претседателската палата и државните установи.
Талибанците ги повикаа граѓаните да одат дома и рекоа дека цивилите нема да бидат повредени.
Претседателот Џо Бајден претходно одобри распоредување на додатни 1.000 американски војници на аеродромот заради обезбедување на објектот среде евакуацијата на дипломатскиот персонал на САД, како и на авганистанските државјани кои бараат статус на бегалци во Вашингтон.
Во меѓувреме, вкупно 64 земји синоќа потпишаа заедничка изјава во која се повикува на безбедно и уредно заминување на сите што сакаат да го напуштат Авганистан по талибанската офанзива.
Помеѓу земјите потписнички на заедничката изјава, меѓу останатите се и Канада, Франција, Германија и Велика Британија.
Портпаролот на талибанците, Забинулах Муџахид, вчера соопшти дека започнале да ја преземаат контролата врз Кабул и јавните згради откако владините сили го напуштија главниот град на Авганистан. По вестите за преземањето на контролата врз градот, голем број улици во Кабул останаа празни.