Hasan Esen
18 Април 2019•Ажурирај: 20 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Социјалната медиумска компанија „Фејсбук“ поради ширење омраза ги затвори страниците на голем број екстремни десничари и организации во Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на „Фејсбук“, донесени се забрани за екстремно десничарските групи, вклучувајќи ги Британската национална партија, Британија пред сѐ, Лига за одбрана на Британија, Витези на меѓународниот храм и Националниот фронт.
„Фејсбук“ истовремено ги забрани и страниците кои им припаѓаат на лидерите на овие екстремни организации.
Од „Фејсбук“ соопштуваат дека одлуката е донесена во „рамките на политиката да се забранат страниците на лицата кои шират говор на омраза или кои се вклучени во насилства“.
„Нема место за поединци и организации на Фејсбук кои шират омраза, напаѓаат или повикуваат за исклучување на другите“, се вели во изјавата.
„На овие луѓе и организации нема да им биде дозволено да отворат нови профили“, се вели во изјавата. Забраната важи и за „Инстаграм“, кој е во сопственост на „Фејсбук“.