Ekipa
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
КАБУЛ (АА) - Во голема експлозија на нагазна мина во покраината Фарах, западен Авганистан, на границата со Иран, утрово загинаа најмалку 34 лица, потврди официјален претставник, јавува Anadolu Agency (AA).
„Патнички автобус што превезувал патници од соседната покраина Херат наишол на импровизирана експлозивна направа поставена на патот, околу 8:00 часот наутро, при што животот го загубија 34 патници, а 17 се повредени“, изјави Мухиб Мухиб, портпарол на полицијата, за AА.
Досега никој не презеде одговорност за нападот. Во покраината бележи раст делувањето на Талибанците, откако градот Фарах кратко беше во рацете на милитантите.
Портпаролот на полицијата ги обвини Талибанците дека поставуваат импровизирани експлозивни направи на патиштата.
Нападот се случи само неколку дена по почетокот на кампањата за претседателските избори во Авганистан, кои треба да се одржат во септември.
Во вторникот, Мисијата за помош при ОН во Авганистан документираше 3.812 цивилни жртви (1.366 смртни случаи и 2.446 повредени) во првата половина на 2019 година.
Според УНАМА, импровизираните експлозивни направи се втора причина за бројот на жртви, што претставува 28 % од вкупниот број.