Sayed Khodaberdi Sadat
05 Февруари 2017•Ажурирај: 06 Февруари 2017
КАБУЛ (АА) - Најмалку 45 лица загинаа како последица на снежна бура и екстремен студ кои го зафатија пошироко подрачје на Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Обилните снежни врнежи во неколку авганистански покраини ги рушат повеќедецениските рекорди што доведе до блокада на голем број улици, прекин на напојувањето со струја и блокади на многу градови и населби.
Претседателот на Авганистан, Мухамед Ашраф Гани, претседаваше со вонредниот состанок на државниот врв, на кој им нареди на сите институции и служби да бидат во приправност за да им помогнат на луѓето на терен.
Агенцијата за управување со вонредни состојби и катастрофи (НДМА) соопшти дека обилните снежни врнежи зафатиле 19 авганистански покраини во кои најмалку 100 куќи и објекти во потполно се урнати од тежината на снегот.
Сајед Абдул Хумајун Декан, раководител на НДМА за регионот Бадакшан, за АА изјави дека најмалку 18 лица загинале во снежните лавини во местата Мајми и Јаран, а дека најмалку 12 повредени лица се хоспитализирани и се наоѓаат во животна опасност.
Најмалку 14 лица загинаа, а четири се повредени и во лавина во местото Сурк Парса во покраината Парван.
Паралелно со тоа, официјалните претставници потврдија дека во јужните делови на Авганистан загинале седум, а во северозападниот дел од земјата шест лица.
Рекордно обилните снежни врнежи ја погодија и покраината Кандахар, а четири главни патишта кои го поврзуваат Кабул со остатокот од земјата се затрупани со снег и се блокирани за сообраќај.
Снежната бура е причина и за откажување на голем број летови на меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи” во Кабул.