Ekipa
23 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
КАБУЛ
Владата на Авганистан објави амбициозен план за запишување на најмалку милион деца во јавните училишта на почетокот од новата школска година, јавува Anadolu Agency (AA).
Нурја Нузхат, портпаролката на Министерството за образование на Авганистан, изјави дека е изработена силна програма за подигнување на јавната свест и охрабрување на родителите, со цел да ги запишат децата на училиште, особено девојчињата.
Таа додаде дека Министерството во тој поглед изработило нова стратегија, која е влезена во фаза на имплементација.
Новата школска година во Авганистан започнува на 23 март, третиот ден од Џелаловиот календар (соларен календар), познат и како ирански или персиски календар, кој е во употреба во таа земја.
Овој потег дојде неколку месеци откако во извештајот на Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) е објавено дека речиси половината од авганистанските деца (околу 3,7 милиони) на возраст до 17 години, не посетуваат школска настава поради влошената безбедносна ситуација последните години. Како други причини се наведуваат бракови меѓу малолетни лица, недостиг на наставен кадар и лоша инфраструктура.
Претседателот на Авганистан, Ешреф Гани, оваа година ја прогласи за „Година на поддршка на образованието“ во земјата разорена од војната.