Sayed Khodaiberdi Sadat
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
КАБУЛ (АА) - Во Авганистан, талибанската администрација воведе одредени ограничувања за жените на телевизиските екрани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Талибанското Министерство за повик кон доброто и избегнување на злото во писменото соопштение истакна дека до сите телевизиски канали во земјата се испратени нови правила кои мора да се почитуваат.
Исто така, истакнато е дека според новите правила, водителките на телевизиските канали се обврзани да го почитуваат исламскиот хиџаб.
Во соопштението каде што се нагласува дека треба да се почитуваат новите правила, се бара да не се емитуваат ТВ серии и театарски претстави со женски актери, како и сите филмови и серии кои се против исламските принципи и авганистанските закони.
Меѓу другото, побарано е програмите кои навредуваат поединци да бидат отстранети од емитување.
Во соопштението се наведува дека е забрането да се емитуваат драми и серии со улоги на пророци, и се тврди и дека некои телевизиски канали во земјата сè уште емитуваат програми спротивни на исламските принципи и авганистанските традиции.
Талибанците целосно го забранија телевизиското емитување во Авганистан во 1990-тите, кога беа на власт.
Во последните 20 години, во земјата започнаа со работа над 300 телевизии, радија и весници.
Од друга страна, Здружението на авганистанските слободни новинари соопшти дека околу 200 медиуми ги прекинале своите активности поради финансиски проблеми и ограничувања откако талибанците го зазедоа главниот град Кабул на 15 август.
Пред талибанците да ја преземат контролата врз земјата, повеќе од 30 отсто од медиумските работници беа жени, сега работат само неколку жени новинарки.
Откако талибанците ја презедоа земјата, десетици медиумски работници ја напуштија земјата.