Islam Uddin
22 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Австралија денес објави дека од следниот месец ги укинува ограничувањата за странските патници, вклучително и за студентите и квалификуваните работници, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференција во Канбера, премиерот Скот Морисон рече дека новиот чекор е дел од националниот план на неговата Влада за враќање на нормалниот живот.
„Од 1 декември 2021 година, целосно вакцинираните граѓани кои имаат визи ќе имаат можност да дојдат во Австралија без потреба да аплицираат за дозвола за патување; граѓаните кои имаат визи, вклучително и квалификуваните работници и студентите, како и оние кои поседуваат хуманитарни, привремени и работни визи“, рече Морисон.
Тој додаде дека неговата држава исто така е отворена и за целосно вакцинираните граѓани на Јапонија и Кореја, кои ќе можат да патуваат без карантин од нивните земји во Австралија.
„Чекорите кои ги преземаме денеска го обезбедуваат нашето економско закрепнување“, рече Морисон, додавајќи дека враќањето на квалификуваните работници и студентите во Австралија е голема пресвртница.
Сепак, патниците кои пристигнуваат во Австралија мораат да приложат доказ за вакцинација и негативен ПЦР-тест направен три дена пред полетувањето.
Во првата фаза, Австралија ги укина ограничувањата за патувања и го укина условот за дозвола за меѓународни патувања за вакцинирани Австралијци од 1 ноември.
Сепак, за невакцинираните луѓе сè уште треба дозвола од Владата за меѓународни патувања.
Австралија досега има пријавено 290.336 случаи на Ковид-19 и 1.942 смртни случаи од почетокот на пандемијата, според Министерството за здравство.
Околу 91,5 проценти од лицата на 16-годишна возраст и повеќе имаат примено прва доза од вакцините против Ковид-19, додека 85,1 проценти од граѓаните се целосно вакцинирани.