Ekip
28 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот претседател, Ашраф Гани, денес ги повика талибанците да прекинат со насилствата и да станат политичка партија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ашраф Мухамед Гани ја соопшти сеопфатната мировна стратегија на авганистанската влада кон талибанците на меѓународната конференција за Кабулскиот процес на која присуствуваа претставници на над 20 земји и меѓународни организации. Тој рече дека понудата за мир е безусловна.
Објаснувајќи ги контурите на можниот мировен договор, Гани рече дека со Уставот ќе бидат загарантирани правата на авганистанските граѓани, особено на жените, и дека на територијата на Авганистан нема да се дозволи егзистирање на ниедна вооружена група поврзана со странски терористички организации.
Во однос на мерките за градење доверба претседателот рече дека ќе се воведе примирје, ќе се воспостави политичка рамка и ќе бидат преземени чекори за ослободување на талибанските затвореници, како и за укинување на санкциите врз групата. Претседателот ја нагласи потребата од реинтегрирање на талибанците во политичката и економската сфера, нагласувајќи ја важноста на меѓународната поддршка.
„Со Пакистан ќе се одржат билатерални разговори со цел да се даде уверување на Пакистан во интерес на еден стабилен Авганистан; ќе започнат заеднички и координирани напори за поддршка на предложените разговори со талибанците“, истакна Гани во однос на активностите со соседниот Пакистан, за кој се верува дека има значително влијание врз талибанците.
Тој, исто така, го повика Пакистан за одржување на меѓувладини разговори: „Ќе бидеме подготвени да започнеме разговори со Пакистан и да го заборавиме минатото, и да започнеме ново поглавје“.
Гани истакна дека авганистанската влада ќе им обезбеди пасоши на талибанците и нивните семејства и ќе издава визи, а ќе отвори и канцеларија за нив и во главниот град Кабул, воедно ќе работи и на укинување на санкциите за талибанските лидери.
Во пресрет на оваа значајна конференција, талибанците издадоа соопштение, второ од ваков вид за еден месец, истакнувајќи ја нивната подготвеност за постигнување мирно решение преку преговори, особено со САД.
Во соопштението се повикуваат американските официјални лица директно да разговараат со талибанците за мирно решавање на ситуацијата во Авганистан.„Во постигнувањето решение од голема помош ќе биде доколу САД ги прифатат легитимните барања на авганистанскиот народ и го пренасочат својот интерес и барања за дискусија ... преку мирни канали“, се додава.
Од објавувањето на новата американска воена стратегија минатото лето, има нагло зголемување на насилствaта во Авганистан, при што милитантите повеќе се насочуваат кон напади на главниот град Кабул, додека американските и авганистански сили ги интензивираа воздушните и копнените офанзиви против бунтовниците.
Соопштението ја означи промената на ставот на талибанците од нивното претходно тврдење дека ќе одржат мировни разговори само откако странските трупи земјата ја напуштат земјата.