Aşkın Kıyağan
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ВИЕНА (АА) - Екстремно десничарската Влада на Австрија, која последните неколку години води многу остра практика против муслиманите во оваа земја, најави и формирање центар за борба против „политичкиот ислам“, кој на око ќе ги држи сите исламски институции и организации во Австрија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Владата се наведува дека „луѓето кои во текот на последните години пристигнуваат во земјата преку бранот миграции ги одбиваат темелните вредности како демократијата и поради тоа е зголемена стапката на криминал и антисемитските тенденции“, поради што, како што се истакнува, станало неизбежно да се спроведат работите за истражување, превенција и расветлување на овие случаи.
Се додава дека во координација со министерствата за верски работи, за внатрешни работи, образование и интеграција, ќе биде формирана независна институција, чија цел ќе биде „борба против оние кои не сакаат да ги прифатат вредностите на земјата“. Оваа институција ќе го носи називот Документациски центар.
Нагласено е исто така дека споменатиот центар ќе биде формиран по примерот на Документацискиот архив на австрискиот отпор (DOW), кој е познат по активностите против неонацистичките формации.
Интересно е тоа што како модел за формирање на центарот е земен Документацискиот архив, со оглед на тоа што Документацискиот архив е еден од најострите критичари на актуелната власт во Австрија, особено на министрите во Владата од екстремно десничарската Партија на слободата (FPO).
Документацискиот центар ќе има за цел под присмотра да ги држи муслиманските организации во земјата, како и медиумските платформи кои се „пречка за интеграцијата и се во спротивност со законот“. Центарот на тој план ќе објавува и годишен извештај.
Се стравува дека последниот потег на австриската Влада може да биде вршење нов притисок на муслиманската заедница во оваа земја, со оглед на тоа што актуелната Влада во последните неколку години имаше низа слични иницијативи кои предизвикаа загриженост меѓу муслиманите во Австрија.
Австрискиот премиер Себастијан Курц, во врска со оваа тема изјави дека австриското слободно општество мора да се заштити од „политичкиот ислам“.
„Не можеме да ги занемариме напорите за формирање еден сосема поинаков модел на општество во кое се отфрлаат темелните вредности како што се демократијата и рамноправноста на половоте. Во образованието, џамиите, муслиманските организации, медиумските платформи, на сите полиња силно мораме да му се спротивставиме на тоа. Оваа Влада е избрана, меѓу другото, да го прави и тоа“, порача Курц.
Во текот на летото оваа година би требало да биде формиран нацрт-закон за формирање центар кој со работа ќе треба да започне во 2020 година.