Saimir Alija
18 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
ТИРАНА (АА) - Новинари и активисти на граѓанското општество во Тирана организираа протест пред седиштето на албанскиот Парламент против измените на Законот за аудиовизуелни медиуми во Албанија и измените на Законот за електронски комуникации, јавува Агенција Анадолија (AA).
Додека во Собранието се дебатираше за законските измени, демонстрантите со транспаренти во своите раце ги презентираа своите барања за одбивање на законот.
Според нив, не може да има режим на административна регулатива за онлајн медиумите, иако ваквите режими се прифатливи, но не и задолжителни за аудиовизуелните медиуми.
Тие исто така не признаваат една административна институција, како што е Управата за аудиовизуелни медиуми (АМА), како што тврдат, да ги замени судовите за испитување на жалбите против содржината на објавите.
Новинарите и активистите исто така тврдат дека пакетот, познат како „пакет против клевета“ не се однесува на лажни вести и клевета, „но е обид за узурпација на онлајн медиумите“.
Според Владата, целта на законските измени е да се создаде правна рамка за регулирање и дисциплинирање на активностите на давателите на електронски јавни услуги (OSHPE), со цел да се гарантира правото на информации, слободата на изразување, заштитата на достоинството и на други основни човекови права, забрана за објави кои промовираат нетолеранција, како и забрана на објави кои промовираат или оправдуваат насилство.