Michael Hernandez
27 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Водечки републикански пратеник вчера изјави дека ќе ја блокира продажбата на оружје од страна на САД, во земјите на Советот за соработка на Заливот поради тековниот дипломатски спор со Катар, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД, Боб Коркер, во писмо до државниот секретар Рекс Тилерсон истакна дека тековниот спор во заливските земји ги попречува напорите во борбата против ДЕАШ и спротивставувањето на Иран.
„Пред да обезбедиме понатамошни дозволи за време на неформалниот период на ревизија за продажба на смртоносна воена опрема во заливските земји, потребно е подобро да се разбере патот за решавање на сегашниот спор и повторно да се обединат заливските земји“, напиша тој.
Станува збор за договорот за оружје со Саудиска Арабија, вреден 110 милијарди долари, потпишан од страна на претседателот Доналд Трамп минатиот месец во Ријад, иако тој вклучува и некои претходно најавени заложби.
Како претседател на Комитетот за надворшени односи, Коркер мора да даде првично одобрување за каква било поголема продажба на оружје, за таа да може да продолжи со 30-дневен период на ревизија во Конгресот.
На 5. јуни, Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ, Бахреин и Јемен ги прекинаа своите дипломатски односи со Катар, обвинувајќи ја земјата дека го поддржува тероризмот.
Мавританија се придружи кратко потоа, а пак Јордан го намали дипломатското претставување во Доха.
Саудиска Арабија исто така ја затвори својата копнена граница со Катар.
Доха цврсто ги негира обвинувањата за поддршка на тероризмот и ваквиот чекор го оценува како неоправдан.
Во саботата, Катар објави дека добил листа од 13 точки со барања од страна на Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ и Бахреин, за да се стави крај на ембаргото.
Четирите земји наводно му дале на Катар рок од 10 дена за да ги исполни нивните барања.
„Ќе биде многу тешко Доха да ги исполни некои од елементите во барањата“, изјави Тилерсон минатиот викенд.
„Следниот продуктивен чекор би бил сите земји да седнат заедно и да го продолжат овој разговор“, изјави тој во соопштението. „Смирувањето на реториката би помогнало исто така во олеснување на тензиите. САД ќе продолжат да бидат во близок контакт со сите страни и да ги поддржуваат напорите за посредување на емирот на Кувајт“, вели тој.