Aydoğan Kalabalık
31 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
КАИРО (АА) - Египет се подготвува да биде домаќин на заедничката воена вежба „Арапски Штит 1“, во која ќе учествуваат само арапските земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на египетската Војска, полковникот Тамир Рифаи, писмено соопшти дека ќе се одржи заедничка воена вежба во која ќе учествуваат вкупно осум земји, од кои две ќе бидат земји набљудувачи, која има за цел консолидирање на воената соработка меѓу Египет и другите арапски земји, како и зголемување на воениот капацитет.
Рифаи истакна дека вежбата „Арапски Штит 1“ ќе се одржи меѓу 3 и 16 ноември во воената база „Мухамед Неџиб“, која се наоѓа во северозападниот дел на Египет.
Тој нагласи дека во оваа база во тек се подготовките за воената вежба во која ќе учествуваат копнените, воздушните и поморските сили, и дека вооружените сили на земјите учесници веќе почнале да доаѓаат во Египет.
Во вежбата ќе учествуваат воените трупи на Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Кувајт, Бахреин и Јордан, додека Мароко и Либан ќе учествуваат како земји набљудувачи.
Привлекува внимание тоа што администрацијата на Египет во последниот период ги интензивира заедничките воени вежби со САД, Франција, Русија и арапските земји.
Заедничката воена вежба со Саудиска Арабија, „Тебук 4“, заврши на 19 октомври, додека заедничката воена вежба меѓу Египет и Русија, „Бранители на пријателството 3“, на 25 октомври.