Servet Günerigök
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден за првпат ја нарече војната на Русија против Украина „геноцид“, откако го нарече рускиот претседател Владимир Путин „диктатор“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден држеше говор во Менло, во американската сојузна држава Ајова, за напорите на неговата администрација да ги намали цените на бензинот кои се зголемуваат поради војната и за да се справи со зголемената инфлација.
Неговите изјави следуваа неколку часа откако Министерството за труд објави податоци кои покажуваат дека индексот на потрошувачките цени се зголемил за 8,5 отсто во март во однос на претходната година, означувајќи го најголемиот 12-месечен пораст од декември 1981 година.
Бајден рече дека прави сѐ што е во негова моќ преку извршни наредби да ги намали „цените и да се справи со зголемувањето на цените поради Путин“, алудирајќи на руската војна во Украина и нејзиното пошироко влијание.
„Вашиот семеен буџет, вашата способност да го наполните резервоарот, ништо од тоа не треба да зависи од тоа дали диктаторот ќе објави војна и ќе изврши геноцид на другата страна на светот“, рече тој.
Нагласи дека инвазијата на Путин ги зголемила цените на бензинот и храната низ светот, додавајќи дека „70 отсто од зголемувањето на цените во март дојде од зголемувањето на цените поради Путин“.
Според проценките на Обединетите нации, од почетокот на војната во Украина загинале најмалку 1.892 цивили, а 2.558 се ранети. Над 4,6 милиони Украинци побегнале во други земји, а милиони се внатрешно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата на ОН за бегалци.