Mehmet Yılmaz,Aşkın Kıyağan
09 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
ВАРШАВА (АА) - Белорусија подготвува голема провокација блиску до границата, истакна полскиот заменик-министер за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за полското Радио, Пјотр Ваврзик ја обвини белоруската Влада за споделување фотографии на социјалните мрежи на кои се прикажани голем број бегалци кои сакаат да преминат во Полска.
Истакнувајќи дека ситуацијата на границата може да се влоши, Ваврзик рече: „Белорусија сака да предизвика голем инцидент, по можност со истрели и жртви“.
Тој потврди дека стотици бегалци се движат кон полско-белоруската граница, и рече дека според јавувањата на медиумите „ќе има обиди за масовни преминувања на границата“.
„Белорускиот режим продолжува со своите провокации и прибегнува кон најлошите можни тактики“, додаде тој.
Во меѓувреме, Станисалав Зарин, портпаролот на министерот за координација на полските специјални служби, на Твитер напиша „има големи групи на мигранти во подрачјето на нашата граница кои се целосно контролирани од страна на белоруските служби“.
„Организираниот обид за масовен влез на територијата на Република Полска од страна на мигрантите што ги користи Белорусија за хибридни напади против Полска штотуку започна“, додаде тој.
Видеата кои ги покажуваат колоните од бегалци кон границата беа споделени на официјалниот профил на Твитер на полското Министерство за одбрана.
Европската Унија ја обвинува белоруската администрација за „употреба на нерегулираната миграција како алатка“ и „обид да се дестабилизира ЕУ“ со испраќање мигранти до границите на земјите на ЕУ - Полска, Литванија и Латвија.