Gizem Nisa Çebi Demir
25 Септември 2025•Ажурирај: 01 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува денес да потпише договор со кој му се дозволува на ТикТок да продолжи да работи во САД под нови услови за безбедност, вели висок официјален претставник на Белата куќа, пренесува Анадолу.
Американскиот официјален претставник за „Си-би-си њуз“ денес изјави дека договорот, опишан од администрацијата како „квалификувана продажба“, би го задоволило двопартискиот закон кој бара од кинеската матична компанија на ТикТок, БајтДенс, да ги прекине врските или да се соочи со национална забрана.
Службеникот изјави дека договорот ќе им даде на американските инвеститори, вклучувајќи го и „Оракл“, удел во компанијата, додека „Оракл“ обезбедува целосна сигурност со хостирање на податоци за американски корисници и преглед на кодот на апликацијата за да се осигури дека „алгоритамот се однесува соодветно и е безбеден“.
Во рамките на планот, моќниот алгоритам за препораки на БајтДенс ќе биде копиран и преобучен да работи исклучиво на американски податоци.
„Се чувствуваме 100 % уверени дека овој предлог, доколку биде завршен, е во согласност со законот“, рече функционерот, додавајќи дека ги исполнува „сите релевантни закони и политики од двете страни“.
Сепак, не се сите пратеници убедени.
Пратеникот Џон Муленар, претседател на Комитетот за Кина на Претставничкиот дом, предупреди дека „најавениот договор за лиценцирање може да вклучува континуирано потпирање на новиот ТикТок на алгоритамот и апликацијата на БајтДенс што би можело да овозможи континуирана контрола или влијание на ККП (Кинеската комунистичка партија)“.
Законот, потврден од Врховниот суд, забранува какви било оперативни врски помеѓу ТикТок, компанија во американска сопственост, и БајтДенс, но му остава на претседателот конечна надлежност да утврди што претставува вистинско отуѓување на деловен субјект.