Sinan Doğan
16 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
БОЛИВАР (АА) - Властите на Хаити соопштија дека од земјотресот има големи штети и дека продолжуваат напорите за потрага и спасување под урнатините, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Агенцијата за цивилна одбрана на Хаити наведе дека бројот на луѓе што ги загубиле животите во вчерашниот земјотрес се зголеми на 1.297, додека бројот на повредените надминал 5.000.
Владата на Хаити повика на меѓународна помош.
Американскиот геолошки институт (USGS) соопшти дека епицентарот на земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала бил на 12 километри североисточно од Сен-Жан ди Сид.
Откако земјотресот бил почувствуван во Порт о Пренс, главниот град на Хаити, луѓето во паника излегле на улиците.
По некое време, Американскиот геолошки институт го укина предупредувањето за цунами што го издаде веднаш по земјотресот.
Беше наведено дека екипи за потрага и спасување се упатени во регионот.
Премиерот на Хаити, Ариел Анри, истакна дека земјотресот предизвикал голема штета. Тој прогласи едномесечна вонредна состојба во земјата.
- Земјотресот на Хаити во 2010 година -
Еден од земјотресите што предизвикаа најмногу смртни случаи во светот во минатиот век се случи на Хаити на 12 јануари 2010 година.
Според официјалните податоци, 316.000 луѓе загинаа, а 300.000 беа повредени во земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што се случи на југот на земјата.
Во разорниот земјотрес што предизвика големи уништувања, 1,3 милиони луѓе останаа без покрив над главата.