Merve Berker
16 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
АНКАРА (АА) - Вкупно 64 земји синоќа потпишаа заедничка изјава во која се повикува на безбедно и уредно заминување на сите што сакаат да го напуштат Авганистан по талибанската офанзива, јавува Агенција Анадолија (АА).
Помеѓу државите потписнички на заедничката изјава, меѓу останатите, се Канада, Франција, Германија и Велика Британија.
„Со оглед на влошувањето на безбедносната ситуација, поддржуваме, работиме на обезбедување и ги повикуваме сите страни да го почитуваат и олеснат безбедното и уредено заминување на странските државјани и Авганистанци кои сакаат да ја напуштат државата“, се наведува во изјавата.
Во соопштението понатаму се истакнува дека оние што имаат моќ и авторитет низ Авганистан носат одговорност за заштитата на човековите права и имотот и за итна обнова на безбедноста и граѓанскиот поредок.
„Мора да им се дозволи на Авганистанците и меѓународните граѓани кои сакаат да заминат; патиштата, аеродромите и граничните премини мора да останат отворени и да се одржи мирот. Авганистанскиот народ заслужува да живее во сигурност и достоинство. Ние во меѓународната заедница сме подготвени да им помогнеме“, се вели во заедничката изјава.
Соопштението е објавено откако талибанците вчера објавија дека започнале да ја преземаат контролата врз Кабул и јавните згради откако владините сили ја напуштија авганистанската престолнина.