Ekipa
04 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
КАРАЧИ (АА) - Со уште 26 пријавени загинати во изминатите 24 часа, билансот на загинати во поплавите во Пакистан се искачи на 1.290, соопшти Националната агенција за справување со катастрофи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најголем дел од последните пријавени жртви, 22, се од јужната покраина Синд, каде што нов бран поплави поплавија поголема територија во централните области во текот на изминатите 48 часа, зголемувајќи го вкупниот биланс на загинати во покраината на 492 од средината на јуни.
Уште четири лица загинаа во одвоени несреќи поврзани со поплавите во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва и во југозападната покраина Белуџистан, кои исто така се тешко погодени од обемните поплави предизвикани од поројните дождови.
Според Националната управа за справување со катастрофи (NDMA) од 14 јуни во Хајбер Пахтунхва животот го загубиле вкупно 286 луѓе, додека 259 жртви се регистрирани во Белуџистан.
Околу 188 лица загинале во североисточната покраина Пенџаб, соопштија властите.
Локалните власти наредија задолжителна евакуација за подрачјето на Џамшоро во Синд бидејќи нивото на водата во езерото Манхар, едно од најголемите езера во Азија, достигна алармантни нивоа.
Властите предупредија дека езерото може да се излее во секој момент од најмалку две точки.
Многу луѓе кои се блокирани во подрачјето сега се подготвуваат за пикот на поплавите во Котри, кој се наоѓа на околу 150 километри од Карачи.
Снимките прикажани на локалната телевизија „Гео њуз“ покажаа стотици луѓе, и во градовите Хаирпур Натан Шах, Џохи и Шададкот во покраината Синд, како ставаат вреќи со песок во обид да ги консолидираат насипите против надојдените води.
Поплавите предизвикани од поројните дождови поплавија една третина од земјата, поради што Владата упати меѓународен повик.
Пакистан веќе доби 12 авиони со хуманитарна помош од Туркије во шатори, оброци, лекови, кујнски производи, храна за бебиња и друго.
Туркије, која испрати делегација на министри во Исламабад во петокот за да ја изрази својата солидарност со Пакистан, исто така испорача два воза со хуманитарна помош во земјата опустошена од поплавите. Туркије во наредните денови ќе испрати уште еден воз од Истанбул.
Континуираните врнежи од дожд и обемните поплави веќе уништија голем дел од инфраструктурата и земјоделските површини во земјата.
Речиси 45 отсто од обработливото земјиште во земјата е поплавено, што претставува сериозна закана за обезбеденоста со храна и дополнително ја зголемува и онака вртоглавата инфлација.