Kasım İleri
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Антони Блинкен го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да го искористи извозот на земјоделските производи како „уцена“ кон Западот, известува Агенција Анадолија (АА).
На онлајн тркалезната маса за безбедноста на храната, Блинкен зборуваше за проблемот во снабдувањето со земјоделските производи поради руско-украинската војна.
Американскиот државен секретар рече дека околу 20 милиони тони пченица се складирани во силоси во близина на украинскиот град Одеса и на бродови кои се закотвени на пристаништето во градот.
Посочувајќи дека во време кога светот се соочува со криза во снабдувањето со земјоделски производи, Русија ја блокира споменатата пченица да ја напушти Одеса, Блинкен истакна:
„Руските сили зазедоа некои од најплодните обработливи површини во Украина. Поставија експлозиви на возила, ја уништија виталната земјоделска инфраструктура. Како што можевме да видовме во еден од нашите водечки весници денес, објавени се доверливи вести во кои се посочува дека Русија го узурпирала извозот на украинското жито и за личен интерес не дозволува тие култури да излезат на пазарот.“
Зборувајќи дека Кремљ треба да разбере дека блокадата на извозот на земјоделските производи носи болка и глад надвор од Украина, Блинкен продолжи со зборовите: „Значи сѐ е намерно. Знаеме дека претседателот Путин ја блокираше испораката на храна и агресивно ја искористи пропагандната машинерија за да избегне одговорност, бидејќи се надева дека светот ќе потклекне пред него, а потоа и во однос на санкциите. Со други зборови, тој едноставно уценува.“
Посочувајќи особено на ефектите од кризата со храна врз Африка, Блинкен рече: „Не можеме да очекуваме претседателот Путин да ја направи вистинската работа“.
Украина е позната како глобална „кошница за леб“ и според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ОН), таа е петти по големина извозник на пченица во светот.
Официјални претставници на ОН во петокот на 3 јуни, на 100-тиот ден од руско-украинската војна, предупредија дека безбедноста на храната во светот е загрозена, додавајќи дека поради руска блокада на црноморските пристаништа кои вообичаено испраќаат жито во светот, на светот му се закануваат глад, дестабилизација и масовни миграции.