Ekipa
16 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
БРИСЕЛ (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, изјави дека Европската Унија ќе бара обновување на миграцискиот договор со Турција од 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на прес-конференцијата по заедничкиот состанок на министрите за надворешни и на министрите за внатрешни работи на ЕУ, Борел изјави дека земјите членки на ЕУ и институциите најпрво меѓу себе, а потоа и со Турција, треба да дискутираат за обновување на договорот што го склучија Блокот и Турција.
„Договорот беше многу критикуван, но произведе видливи резултати. Доведе до значително намалување на загубите на човечки животи, намалување на нерегуларните премини и подобрување на состојбата со бегалците и мигрантите во Турција“, истакна Борел.
Тој исто така појасни дека според договорот, ЕУ ветила 6 милијарди евра (7,2 милијарди долари) помош за бегалците, а речиси целата сума веќе била договорена.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, исто така, истакна дека бегалците сè уште се во Турција и тие и понатаму имаат потреба од нивна поддршка.
„Идните односи на Турција со Блокот ќе бидат делумно засновани на обновениот договор“, нагласи тој, додавајќи дека нивниот заеднички интерес е да се спречи нерегуларната миграција, да се избегнат загубите на животи и да ѝ се помогне на Турција и да се поддржи во товарот што го има со тоа што е домаќин на голем број луѓе на својата територија.
Договорот од 2016 година беше постигнат за да се запре нерегуларниот прилив на бегалци и да се подобрат условите на сириските бегалци во Турција.
Турција е најголемата земја домаќин на сириските бегалци, која обезбедува заштита на 4 милиони луѓе што ја напуштија соседната земја.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат за иднината на односите меѓу ЕУ и Турција за време на нивниот самит следната недела.