АНКАРА
- Етхем Емре ОЗЏАН
Денес се навршуваат 10 години од почетокот на граѓанската војна во Сирија. Крајот на војната не се наѕира ниту деценија од почетокот на крвавата пресметка на режимот на Башар ал Асад со опозициските групи, а договорот на Турција и Русија овозможи во изминатите години во Илиб да се вратат близу 300.000 луѓе кои претходно беа протерани од своите огништа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешен ден во 2011 година група млади на ѕидовите од училиште во јужната сириска провинција Дера испишаа графит „Еј докторе (Башар ал Асад), на тебе е ред“ и започнаа масовни демонстрации, кои со репресија на силите приврзани на режимот, прераснаа во крвава војна.

Масовните антирежимски протести бргу се проширија низ Сирија, а демонстрантите бараа коренити реформи и смена на власта во земјата.
Режимот на Асад демонстрантите ги прогласи за терористи и ја ангажираше војската и безбедносните сили да ги задушат протестите за опстанок на власта.
На тој начин мировните протести прераснаа во граѓанска војна во Сирија во која судирите се водат меѓу силите на режимот на Асад и опозициските групи кои се собрани во формација именувана Војска на слободна Сирија.

Кон крајот на 2012 година кога се наѕираше крахот на режимот на Асад, во помош му притрчаа Хезболах од Иран и Либан. Од пролетта 2013 година силите на Асад повторно воспоставија рамнотежа во судирите. Текот на војната се смени во корист на режимот во 2015 година кога во војната се вклучи и Русија.
Со поддршка на проиранските терористички групи и Русија, силите на режимот на Асад со жестоки напади и опсади успеваа да ја вратат контролата во поголемиот број сириски региони кои беа под контрола на опозицијата.

Стотици илјади цивили се убиени во граѓанската војна во Сирија во која, според изјавите на официјалните лица на Обединетите нации (ОН), е користено и забранетото хемиско оружје и извршени се воени злосторства, како што се методите на изгладнување на луѓето, заробување, опсада, тортура и др.
Пред војната, Сирија имаше популација од околу 22 милиони жители, а според податоците на Комесаријатот на ОН за бегалци (УНХЦР), најмалку 6,6 милиони Сиријци биле принудени да ја напуштат земјата. Само Турција згрижи најмалку 3,6 милиони протерани Сиријци.
Канцеларија на Обединетите нации за координација на хуманитарни работи информираше дека и во внатрешноста на Сирија се раселени најмалку 6.702.000 лица, а животите на најмалку 13 милиони лица во Сирија зависат исклучиво од хуманитарната помош.
Турција и Русија на 5 март минатата година постигнаа договор за прекин на судирите и спроведување заеднички надзорни патроли на северот од Сирија, а оттогаш состојбата на теренот во однос на контролата во регионите не е сменета.
Силите на Асад ги контролираат Дера и Кунејтра на југот, како и главниот град Дамаск, брегот на Средоземното Море, односно Латакија и Тартус и подрачјето на Хомс во внатрешноста на земјата. Под контрола на режимот се урбаните центри Хама, Алепо и Деир ез-Зор. Регионите што се под контрола на режимот, претставуваат повеќе од 60% од територијата на Сирија.

Под контрола на сириската опозициските сили се регионите за деескалација во Идлиб и регионите Африн, Тал Абјад, Рас ал Ајн и други региони што се наоѓаат во северниот дел на Сирија, што се ослободени од терористичката окупација во текот на тригодишните операции во кои учествуваа и турските вооружени сили.
Терористичката организација ЈПГ/ПКК која е поддржана од САД, под окупација ги држи Мунбич, Тал Рифат и делови од источниот брег на Еуфрат.
Терористичката организација ДЕАШ под окупација држи мал дел од пустината во источниот дел на Сирија и под опсада е на силите на Асад.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите приврзани на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа 3 зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година постигнат е дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставувањето деескалациска зона.
Во согласност со договорот, опозициските сили го повлекоа тешкото вооружување од регионот, но силите приврзани на режимот на Асад не ги прекинаа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Турција и Русија во март минатата година договорија протокол со кој сите страни во Идлиб се повикуваат да го прекинат огнот, а турските и руските сили, во својство на гаранти на примирјето, спроведуваат заеднички контролни патроли долж линијата на разделување, односно долж автопатот М4.

Во изминатите 12 месеци во тој регион доброволно се вратија 282.500 протерани цивили. Во текот на нападите на режимските и руските сили, од Идлиб во изминатите години се протерани околу 2 милиони луѓе кои се сместени во камповите во близина на границата со Турција.
Примирјето во Идлиб во голема мерка се почитуваше во текот на изминатата година, со повремени кршења од страна на Русија.
Силите приврзани на режимот на Асад во текот на десетогодишната војна ја уништија сириската економската инфраструктура и ја воведоа земјата во длабока и повеќеслојна криза.
Сирија е земја со енормна инфлација. Режимот на Асад во јануари оваа година отпечати и банкноти во апоени од 5.000 сириски лири и не може да ги задоволи основните потреби на локалното население. Повеќеслојната криза во тие регии на Сирија неодамна ескалираше со криза на недостаток на леб и гориво.

Сириската лира стрмоглаво ја губи вредноста, за што особено придонесоа и санкциите што САД и Европа ги воведоа кон режимот на Асад поради злосторствата против човештвото.
Пред почетокот на војната, еден долар беше еквалилентен на вредноста на 50 сириски лири, додека денес тој сооднос изнесува повеќе од 4.000 сириски лири. Сириската лира во текот на војната ја загуби вредноста за 80 пати.
Политичкиот процес за решавање на сириската криза започна кон крајот на јуни 2012 година во Женева и тоа под покровителство на Обединетите нации (ОН). Тој процес пропадна поради бескомпромисниот настап на делегацијата на режимот на Асад.
Во јануари 2017 година под гаранции на Турција, Русија и Иран започна мировен процес во казахстанскиот главен град Астана (денешен Нур Султан). Во текот на тој процес договорени се четири зони на деескалација во Сирија, но основана е и Уставотворна комисија на Сирија.
Таа комисија за првпат се состана во Женева кон крајот на октомври 2019 година, но состанокот е завршен без резултат поради арогантниот и беспрекомпромисниот став на делегацијата на режимот. Во јануари оваа година на ист начин поради несериозноста на делегацијата на режимот на Асад пропадна и петтата рунда состаноци на таа комисија, која има за задача да ги подготви рамките на нацртот на новиот сириски устав.
Сириската опозиција повторно тврди дека меѓународната заедница не врши доволен притисок врз Асад со цел да го убеди и сериозно го сфати политичкиот процес за решавање на кризата.
Според податоците на опозицискиот Координациски завод на Сирија, силите приврзани на режимот на Асад само во текот на 2018 година протераа 128.926 лица од подрачјата што ги зазедоа.
Сириската мрежа за човекови права на новинарот на АА му доставија извештај во кој се наведува дека најмалку 14.315 заробеници починале од последици на измачување и тортура од страна на силите на Асад. Опозициските извори тврдат дека силите на режимот сѐ уште во притвор држат околу 400.000 луѓе.
Во извештајот се вели дека здравствените установи во Сирија најмалку 863 пати биле цел на напади, а во текот на војната се убиени најмалку 859 здравствени работници.
Училиштата во Сирија 1.584 пати биле цел на напади, а 1.411 од тие напади ги извршија силите приврзани на режимот на Асад и неговите руски сојузници.
Во текот на војната во Сирија убиени се најмалку 709 медијски работници, од кои 4 репортери работеа за Агенција Анадолија (АА).
Силите приврзани на режимот на Асад во текот на 10-годишната војна во Сирија изведоа и 217 напади со хемиско оружје, а цел на нападите беа населбите што се под контрола на опозициските сили.
Прв таков напад силите на режимот изведоа во декември 2012 година во местото Бајада кај Хомс, а последен пат тоа се случи во мај 2019 година во местото Кебине во Латакија.
Светската јавност особено го памети нападот со хемиско оружје што силите приврзани на режимот на Асад го изведоа на 21 август 2013 година во Источна Гута кај Дамаск, кога животот го загубија најмалку 1.400 цивили.
На 9 октомври 2019 година Турција во северниот дел на Сирија ја започна операцијата „Извор на мирот“ со цел да се заврши окупацијата на териториите што терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ ги контролираат во пограничните сириски региони. Во таа прилика Турција постигна одвоени договори со Русија и САД.
САД не го одржа ветувањето според кое терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од границата со цел во тој пограничен сириски појас да се воспостави безбедносна зона за цивилите.
И Русија и Турција ветија дека ќе обезбедат терористите на ЈПГ/ПКК и режимските елементи да се повлечат од тој пограничеј појас, како и од Мунбич и Тал Рифат, но ниту Русија не го исполни даденото ветување.
Пресвртници во текот на војната во Сирија:
15. март 2011.
- Војната во Сирија започна со мирни демонстрации во Дера, што група млади луѓе ја започнаа против режимот
26. април 2011.
- Војската на режимот влезе во Дера, каде започнаа демонстрациите
30. јуни 2012.
- Во Женева започнаа преговори за политичка транзиција
21. август 2013.
- Режимот на Асад во Источна Гута, користејќи хемиско оружје усмрти повеќе од 1.400 цивили.
30. јуни 2014.
- Терористичката организација ДЕАШ прогласи таканаречен калифат
22. септември 2014.
- Коалицијата на чело со САД започна воздушни напади против ДЕАШ
Март 2015.
- Опозицијата воспостави контрола над Идлиб
21. мај 2015.
- ДЕАШ го зазеде Палмир и воспостави контрола на речиси половина од територијата на Сирија.
30. септември 2015.
- Русија директно се вклучи во војната во Сирија
18. декември 2015.
- СБОН ја усвои резолуцијата 2254. Воспоставена е мапа за политичка транзиција
24. август 2016.
- Турција ја започна офанзивата „Штитот на Еуфрат“
23.-24. јануари 2017.
- На иницијатива на Турција и Русија организиран е вториот состанок во рамките на процесот во Астана
4. април 2017.
- Силите на режимот во нападот на Хан Шејхун користеа хемиско оружје усмртувајќи најмалку 100 цивили
20. јануари 2018.
- Турција против терористите на ЈПГ/ПКК ја започна операцијата „Маслинова гранка“
30.-31. јануари 2018.
- Во Сочи организиран е Конгресот на национален дијалог. Донесена е одлука за формирање на Уставотворна комисија.
17. септември 2018.
- Турција и Русија постигнаа договор во Сочи.
6. мај 2019.
- Силите на режимот ја започнаа операцијата за Идлиб
16. септември 2019.
- На самитот во Анкара постигнат е договор за листа на комитети кои ќе го состават новиот устав на Сирија
9. октомври 2019.
- Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“
27. октомври 2019.
- Абу Бакр ал-Багдади, убиен е во операција што американските сили ја изведоа во Идлиб.
27. февруари 2020.
- Турција против режимските елементи во Идлиб ја започна операцијата „Пролетен штит“
5. март 2020.
- Со поддршка на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија Владимир Путин договорено е примирје во Идлиб. По примирјето, минатата година во своите домови се вратија 282.000 цивили.
29. март 2020.
- Режимот на Асад соопшти дека во Сирија е потврден првиот смртен случај поврзан со Ковид-19
17. јуни 2020.
- Стапи во сила „Законот за заштита на сириските цивили - Цезар“ што во декември 2019 година го потпиша Доналд Трамп.
19. јули 2020.
- Режимот на Асад организираше парламентарни избори во Сирија, во која половината од популацијата ја напушти земјата или е раселена.
16. ноември 2020.
- Почина министерот за надворешни работи Валид Муалем, кој се смета за еден од најголемите поддржувачи на режимот.
8. март 2021.
- Башар ал Асад и неговата сопруга се позитивни на Ковид-19
news_share_descriptionsubscription_contact


