Nancy Caouette
14 Јули 2017•Ажурирај: 15 Јули 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, пркосејќи на изречената осуда за корупција и перење пари, вчера најави дека следната година повторно ќе се кандидира за претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Популарниот поранешен претседател ги објави своите намери на состанокот со поддржувачите во Сао Паоло, ден откако федералниот судија го осуди на речиси десет години затвор, дозволувајќи му да остане на слобода за време на жалбената постапка.
„Сѐ уште сум во игра“, изјави 71-годишниот левичар во седиштето на Работничката партија.
Тој нагласи дека судот нема никакви докази и оти пресудата е обид да биде спречен да се кандидира на изборите во октомври 2018 година.
„Доколку некој има докази против мене, го молам да ми каже. Испратете ги до правдата, Врховниот суд, новинарите. Ќе се жалиме пред сите инстанци и сите судии“, изјави Лула.
Неговиот адвокат Кристијано Занин стоеше крај својот клиент и изјави дека неговиот тим сѐ уште ја анализира пресудата и оти наскоро ќе поднесе жалба.
„Веќе пронајдовме пропусти и контрадикции во пресудата којашто теоретски овозможува дури и жалбата да ја упатиме до федералниот судија Серхио Моро“, истакна Занин.
Пресудата на Лула е најважен настан во опсежната истрага за мултимилијардерската корупција позната под името „Операција на перење автомобили“ во којашто се вклучени некои од најважните личности од деловниот и политички живот во Бразил.
Обвинителите тврдат дека Лула и неговите соучесници обезбедувале договори преку цени за инженерските фирми и енергетскиот гигант „Петробрас“, кој е во државна сопственост, во замена за незаконско финансирање на партијата и поткуп.
Лула е уапсен во март 2016 година, во својата куќа, и пуштен е на слобода по тричасовно сослушување. Шест месеци подоцна, тој беше обвинет за корупција и перење пари.