Ekipa
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) ќе се состанат на самитот во Брисел, кој започнува утре, а чија главна тема ќе биде излезот на Велика Британија од Унијата, т.н. Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот кој во Брисел ќе се одржи на 21 и 22 март би требало да присуствуваат шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ.
Се очекува дека европските лидери првенствено ќе разговараат за Брегзит, а потоа и за односите со Кина, економските односи, климатските промени и борбата против лажните вести.
Самитот ќе започне утре со обраќање на претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, а потоа ќе започнат и разговорите за Брегзит.
Се очекува дека на сесијата ќе присуствуваат и британската премиерка, Тереза Меј, и дека ќе се разговара за последните случувања кога станува збор за Брегзит. Се очекува дека ќе се разговара и за можностите за пролонгирање на Брегзит.
Лидерите истовремено ќе разговараат и за можноста за Брегзит без договор.
Официјалните претставници утревечер би требало да разговараат и за односите на ЕУ и Кина, односно за соработката на овие две страни.
Една од темите би требало да биде и подготовките за самитот ЕУ-Кина, кој би требало да биде одржан на 9 април, но и реформите на Светската трговска организација, индустриската политика и климатските промени.
Вториот ден од самитот на лидерите, кои ќе се состанат со премиерите на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, ќе се одбележат и 25 години од постоењето на Европската економска зона.
Официјалните претставници потоа ќе разговараат за вработувањето, растот и конкуренцијата во ЕУ.
На состанокот на кој би требало да присуствува и челникот на Европската централна банка (ECB), Марио Драги, ќе се разговара и за трговските односи меѓу ЕУ и САД, а ќе бидат изнесени и најновите економски податоци.