İnci Gündağ
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
ЛОНДОН (АА) - Откако беше потврдено дека режимот на Башар ал Асад користел хемиско оружје во Сирија, британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, упати апел до Русија да се откаже од заштитата на нејзините сојузници, јавува Anadolu Agency (AA).
По поднесувањето на извештајот на Заедничката истражувачка мисија (JIM), составена од Обединетите нации (ОН) и Организацијата за забрана на хемиското оружје, кој го обвинува режимот на Асад за масакрот во Хан Шејхун, Џонсон даде оцена до Советот за безбедност на ОН, при што истакна дека резултатот од извештајот е многу јасен.
„Британија го осудува прекршувањето на човековите права во оваа страшна војна и упатува апел до меѓународната заедница за обединување со цел Асадовиот режим да одговара за стореното“, рече Џонсон.
Џонсон потсети дека Русија во 2013 година ветила оти Сирија нема да користи хемиски оружја. „Истражувачите од тогаш до денес открија дека Асадвиот режим користел отровен гас во четири различни напади. Русија повеќепати се обиде да ги спречи напорите за откривање на вистината околу нападот во Хан Шејхун“, истакна Џонсон.
Џонсон нагласи дека Русија 9 пати го користела правото на вето со цел да го заштити Асад, и три пати спречила режимот да одговара за нападите со отровен гас. „Ваквото однесување само го ослабува глобалниот консензус против користењето на хемиското оружје. Апелирам до Русија да се откаже од прикривањето на нејзините сојузници кои се полни со омраза, како и да ја зачува заложбата повторно да не се употребуваат хемиски оружја“, рече тој.
Најмалку 100 цивили загинаа, а над 500 беа повредени во нападот со хемиско оружје извршен на 3 април, во подрачјето Хан Шејхун во градот Идлиб, од страна на режимот на Башар ал Асад.