Tufan Aktaş
22 Септември 2018•Ажурирај: 23 Септември 2018
ДАР ЕС САЛАМ (АА) - Во Танзанија се случи тешка бродска несреќа при потонувањето на патнички ферибот во езерото Викторија. Бројот на загинати достигна 140 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите што ги објавија локалните медиуми, во потонувањето на фериботот „The MV Nyerere“ во водите на езерото Викторија, досега животот го загубија околу 140 лица, а се претпоставува дека во водите на езерото би можело да бидат пронајдени уште 100 тела.
Претседателот на Танзанија, Џон Магуфули, соопшти дека во чест на загинатите во бродската несреќа, во земјата е прогласена тридневна национална жалост.
Комесарот на подрачјето Мванза, Џон Монгела, соопшти дека се спасени околу 40 лица, а во тек се операции за пронаоѓање и извлекување на исчезнатите.
Катастрофата ја зави целата држава во жалост, а официјалните претставници соопштија дека фериботот потонал на 50 метри оддалеченост од пристаништето. Се претпоставува дека причина за големиот број жртви е тоа што поголемиот дел од патниците на фериботот биле непливачи.
Покрај тоа, се истакнува дека фериботот бил со капацитет од најмногу 100 патници, а во исто време пренесувал и карго товар.
Бродовите при транспортот на патници во Танзанија често превезуваат повеќе патници од својот капацитет, а нивното неодржување е честа причина за бродски несреќи со катастрофални последици и во минатото.
Повеќе од 800 лица ги загубија своите животи при потонувањето на ферибот во езерото Викторија во 1996 година, а во несреќата што се случи во близина на Занзибар загинаа околу 200 лица.