Adem Şalvarcıoğlu
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ЏАКАРТА (AA) - Индонезиската Национална агенција за потрага и спасување (БАСАРНАС) соопшти дека бројот на загинатите во земјотресот што вчера го погоди округот Пидиџаја на индонезискиот остров Суматра, порасна на 102 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Според последните информации, во болниците се хоспитализирани 752 повредени лица, меѓу кои 136 животно загрозени. Земјотресот сруши 348 куќи, три училишта и 14 џамии, а без покрив над главата останаа 3.267 лица“, изјави портпаролот на БАСАРНАС, Сутопо Пурво Нунгрохо.
Спасувачките екипи и понатаму го пребаруваат подрачјето погодено од земјотрес, а надлежните служби го евакуираа загрозеното население.
БАСАРНАС упати апел до хуманитарните организации итно да достават помош во лекови, медицинска опрема, како и пивка вода и храна за луѓето што останаа без домови.
Земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтер вчера го погоди северниот дел на островот Суматра во покраината Ацех, со епицентар на длабочина од околу 10 километри.
Во Индонезија се започнати различни кампањи за собирање помош за загрозеното население.