Sinan Doğan
21 Јануари 2023•Ажурирај: 23 Јануари 2023
БОГОТА (АА) - Демонстрантите продолжуваат да бараат оставка од перуанската претседателка Дина Болуарте по шестнеделните протести во кои загинаа 59 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Болуарте ги обвини демонстрантите за „вандализам“ во телевизиското обраќање доцна во четвртокот, откако стотици луѓе излегоа на улиците во главниот град Лима на таканаречените демонстрации за „Преземање на Лима“.
Претседателката рече дека протестите немаат „општествена агенда“, туку се обиди за „кршење на владеењето на правото, создавање хаос и неред и преземање на власта“.
Едно лице загина во судирите со полицијата во Арекипа кога 1.000 демонстранти се обидоа да ја преземат контролата врз аеродромот. Нападнати се и аеродромот во Куско и уште еден аеродром во јужниот град Џулиака.
Четворица државјани на Хаити загинаа во градот Десагуадеро на границата со Боливија, додека уште две лица загинаа во јужниот дел на земјата за време на антивладините протести.
Премиерот Алберто Отарола изрази жалење за смртта на Хаиќаните и рече дека тие не можеле да бидат пренесени во болница поради блокираните патишта.
Голем пожар уништи историска зграда во центарот на Лима, на неколку метри од Плаза Сан Мартин. Владата ги отфрли тврдењата на очевидците дека пожарот бил предизвикан од солзавец фрлен од полицијата за време на судирите.
Сообраќајот низ земјата е парализиран од демонстрантите кои ги блокираа улиците, а затворени се и неколку аеродроми.
Владата прогласи вонредна состојба во некои региони, со што се овластува Армијата да интервенира за одржување на редот.
Едномесечните социјални нереди беа предизвикани од смената на поранешниот претседател Педро Кастиљо од функцијата и неговото последователно апсење под обвинение за бунт, откако тој се обиде да го распушти Конгресот за да владее и да избегне импичмент за обвинувањата за корупција.
Обвинителството на Перу ќе отвори истрага против Болуарте за цивилите кои загинаа од почетокот на протестите на 7 декември.