Ahmet Gürhan Kartal
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
ЛОНДОН (АА) - Владата на Велика Британија соопшти дека екстремистите во затворите ќе ги изолира во посебни ќелии, односно во центри за сепарација на опасните екстремисти од другите затвореници, јавува Anadolu Agency (AA).
Строго чуваниот затвор „ХМП Френкленд“, во северниот дел на Британија ќе биде прв од трите затвори во коишто екстремистите ќе бидат во посебни ќелии.
„Целта на таквото изолирање на опасните есктремисти е да се неутрализира нивното влијание на другите затвореници и да се спречи процесот на радикализација зад решетки“, соопшти Министерството за правда на Велика Британија.
Повеќе од 4.500 полицајци поминаа посебна обука за начинот на третирање на опасните радикализирани затвореници, но засега не е познато колкумина такви затвореници ќе се најдат во одделни ќелии.
„Сите осудени вмешани во планирање тероризам, оние што се означени како национална опасност, како и оние што претендираат да влијаат на други затвореници и да ги регрутираат за тероризам ќе бидат сместени во посебните центри“, се вели во соопштението на владата.
Министерот задолжен за управата на затворите, Сем Гима, изјави дека одвојувањето на опасните радикали во затворите е мерка за јакнење на борбата против тероризмот и стратегија за пресекување на каналот за ширење на тој проблем во Велика Британија.