Tayfun Salcı
24 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка, Тереза Меј, изјави дека Велика Британија го зголемила нивото на терористичка закана од „сериозно“ на „критично“, јавува Anadolu Agency (AA).
Меј истакна дека по терористичкиот напад во Манчестер, во кој загинаа најмалку 22 лица, нивото на терористичка закана е зголемено на „критично“.
Од друга страна, во многу градови во Велика Британија вчера им беше оддадена почит на жртвите од терористичкиот напад во Манчестер.
Комеморација за жртвите се одржа и на централниот Плоштад Алберт во центарот на Манчестер.
Голем број граѓани на плоштадот оставија цвеќиња, а некои носеа маици на кои пишуваше „Те сакам Манчестер“. Бројни граѓани не беа во можност да стигнат до плоштадот, па мораа да останат во соседните улици за да ја следат комеморацијата.
На познатиот „Трафалгар сквер“ во Лондон, исто така се собра голем број граѓани со цел да им оддадат почит на жртвите од терористичкиот напад. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Ние не се плашиме“ и „Љубовта е посилна од омразата“.
Слични програми се одржаа и во Бирмингем, Кардиф, Белфаст, Единбург и во Глазгов.
Полицијата потврди дека осомничениот за нападот во Манчестер е 22-годишниот британски државјанин Салман Абеди.
Британските медиуми наведуваат дека Абеди е роден во Манчестер и дека доаѓа од семејство со либиско потекло. Имал најмалку три браќа и сестри и сите се родени на подрачјето на Лондон и Манчестер. Семејството живеело на повеќе адреси во Манчестер, вклучувајќи го и станот во кој полицијата изврши претрес.
Да потсетиме, завчера на концертот на поп-ѕвездата Ариана Гранде во „Манчестер арената“ одекна силна експлозија во којашто загинаа најмалку 22, а повредени беа 59 лица. Британската полиција соопшти дека станува збор за терористички напад изведен од бомбаш-самоубиец.
Терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за нападот во Манчестер.