Bilal Acar
08 Декември 2020•Ажурирај: 08 Декември 2020
ЛОНДОН
Велика Британија започна со употреба на вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“ и „БајоНтек“, откако стана прва држава во светот која ја одобри оваа вакцина за широка употреба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Деведесетгодишна жена од Ковентри е првото лице кое ја прими вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“ и „БајоНтек“.
Како што објави „Скај њуз“, 90-годишната Маргарет Кинан прва ја прими вакцината во утринските часови во Универзитетската болница во Ковентри, Велика Британија.
Кинан ги повика и останатите да се вакцинираат.
„Привилегија е да се биде прв. Најдобар подарок за роденден што можев да го посакам. Тоа значи дека можам да го поминам времето со моето семејство и пријателите на Божиќ, откако поголем дел од годините бев сама“, изјави Кинан.
Вакцините кои се дистрибуираат во 50 центри за вакцинација низ земјата, наменети се првенствено за лицата во старечките домови, вработените во старечките домови, лицата постари од 80 години и за здравствените работници.
Поради потешкотиите во складирањето на вакцината, приоритетните групи ќе ги примат вакцините во болниците, врз основа на термини.
Министерот за здравство, Мет Хенкок, изјави дека во првата фаза ќе бидат поделени 800.000 вакцини против Ковид-19 на центрите за вакцинација и изрази надеж дека до крајот на оваа година ќе бидат испорачани два милиона вакцини.
Велика Британија на почетокот на ноември ја одобри вакцината за широка употреба.
Агенцијата за контрола на лекови и здравствени производи (MHRA) во Велика Британија, објави тогаш дека вакцината, која нуди до 95 отсто заштита од Ковид-19, е безбедна за употреба.
Тоа е вакцина која најбрзо во историјата го премина патот од концептот до реалноста. На „Фајзер“ и „БајоНтек“ им беа потребни само десет месеци да ги извршат истите развојни чекори што обично траат со децении.
Иако вакцинацијата може да започне, луѓето и понатаму мора да бидат внимателни и да ги почитуваат правилата со цел спречување на ширењето на Ковид-19, предупредуваат медицинските експерти. Тоа значи дека граѓаните на Велика Британија и понатаму мора да држат физичка дистанца и да носат заштитни маски на лицето.