Ahmet Gürhan Kartal
02 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
ЛОНДОН
Велика Британија стана првата држава на светот која ја одобри вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“ и „БајоНТек“, која е за широка употреба, објави денеска Владата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Агенцијата за контрола на лекови и здравствени производи (MHRA) во Велика Британија, објави дека вакцината, која нуди до 95 отсто заштита од Ковид-19, е безбедна за употреба.
Владата денеска ја прифати препораката на независната MХРА да се одобри вакцината на „Фајзер“ и „БајоНТек“ против Ковид-19 за употреба. „Вакцината ќе биде достапна во Велика Британија до следната недела“, истакнаа од Владата на Велика Британија.
Имунизацијата би можела да започне за неколку дена за луѓето од најризичните групи. Велика Британија веќе нарача 40 милиони дози, што е доволно за вакцинација на 20 милиони луѓе, со по две инјекции.
Наскоро би требало да бидат достапни околу 10 милиони дози, а првите дози пристигнуваат во Велика Британија во текот на наредните денови.
Тоа е вакцина која најбрзо во историјата го премина патот од концепт до реалност. На „Фајзер“ и „БајоНТек“ им беа потребни десет месеци да ги извршат истите развојни чекори кои обично траат со децении.
„Иако вакцинацијата може да започне, луѓето и понатаму мора да бидат внимателни и да ги следат правилата, со цел спречување на ширењето на Ковид-19“, предупредуваат медицинските експерти.
Тоа значи дека граѓаните на Велика Британија и понатаму мора да држат физичка дистанца и да носат заштитни маски за лице.