Sinan Doğan
18 Декември 2025•Ажурирај: 18 Декември 2025
БОГОТА/ИСТАНБУЛ (АА) – Венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека земјата ќе ја брани својата татковина „по секоја цена“, како одговор на одлуката на американската Влада да ги блокира сите нафтени танкери што влегуваат и излегуваат од Венецуела, пренесува Анадолу.
Во обраќање на државната телевизија ВТВ вчера, Падрино Лопез рече дека националните вооружени сили ќе ги заштитат сите легитимни права на Венецуела во нејзиниот воздушен простор и територијални води, без да подлегнат на провокации.
„Се обраќам на земјата во Северна Америка и на нејзиниот претседател: ќе го браниме интегритетот на татковината по секоја цена“, изјави тој.
Според Падрино Лопез, наредбата за блокада на венецуелските нафтени танкери претставува јасно кршење на Повелбата на Обединетите нации.
„Поради тоа, овие дејствија претставуваат отворен акт на агресија и ние го соопштуваме тоа на целиот свет“, рече тој, додавајќи дека „мултилатералните меѓународни организации мора да размислат и да преземат мерки против оваа ирационална и воинствена позиција, која ја загрозува не само Венецуела, туку и целиот регион на Латинска Америка и Карибите, како и глобалната енергетска стабилност“.
- „Ниту една странска сила нема да добие бесплатна или украдена нафта“ -
И венецуелската потпретседателка Делси Родригез се огласи по ова прашање преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека ниту една странска сила нема да добие бесплатна или украдена нафта.
Таа нагласи дека нафтата му припаѓа на венецуелскиот народ.
„Ќе продолжиме да бидеме слободни и независни во нашите енергетски односи. Заедно со претседателот Николас Мадуро ќе продолжиме да ја браниме татковината“, порача Родригез.
Во вторникот, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека наредил „целосна и тотална блокада“ на сите санкционирани нафтени танкери што влегуваат или излегуваат од Венецуела.
Венецуела го обвини Вашингтон за „пиратство“ откако на 10 декември венецуелски нафтен танкер беше запленет во близина на брегот на земјата и испрати официјално писмо во врска со случајот до Советот за безбедност на ОН.