Ekipa
28 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација на трудот (МОТ) објави дека бројот на изгубени работни часови во 2021 година како последица на пандемијата ќе биде значително повисок од проценетото, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во осмото издание на извештајот „МОТ Монитор: Ковид-19 и светот на работата“, исто така се нагласува дека различните стапки на закрепнување меѓу развиените и земјите во развој ја загрозуваат глобалната економија.
Меѓународната организација сега предвидува дека работните часови во 2021 година на светско нивоќе бидат 4,3 отсто под нивото пред пандемијата, што е еквивалентно на околу 125 милиони работни места со полно работно време.
Бројката претставува драматична ревизија на јунското предвидување на МОТ од 3,5 отсто или 100 милиони работни места со полно работно време.
„Драматично нееднаквата дистрибуција на вакцините и фискалните капацитети ги поттикнуваат овие трендови и двете работи треба да се решат итно“, изјави челникот на Меѓународната организација на трудот, Гај Рајдер, за новинарите на прес-конференција на ОН.
Организацијата предупреди дека големата дивергенција во трендовите за обновување на вработеноста меѓу развиените и земјите во развој ќе продолжи без конкретна финансиска и техничка поддршка.
Се вели дека разликите првенствено се предизвикани од значајните разлики во примената на вакцините и пакетите за фискални стимулации.
„Проценките покажуваат дека на секои 14 лица целосно вакцинирани во вториот квартал од 2021 година, на глобалниот пазар на трудот е додадена една еквивалентна работа со полно работно време. Ова значително го поттикна закрепнувањето“, велат од МОТ.
„Глобално, загубите во работни часови - во отсуство на која било вакцина - би биле 6,0 отсто во вториот квартал од 2021 година, наместо забележаните 4,8 отсто.
- Нерамномерно распределување на вакцините -
„Големото нерамномерно распределување на вакцините укажува дека позитивниот ефект бил најзначаен во земјите со високи приходи, занемарлив во земјите со понизок среден приход и речиси нула во земјите со низок приход“, соопшти МОТ.
„Овој дебаланс би можел брзо и ефективно да се реши преку поголема глобална солидарност во однос на вакцините“, се вели во извештајот.
Во третиот квартал од 2021 година, вкупните работни часови во земјите со високи приходи беа за 3,6 отсто пониски отколку во четвртиот квартал од 2019 година.
Спротивно на тоа, јазот во земјите со низок приход изнесуваше 5,7 отсто и 7,3 отсто во земјите со понизок среден приход.
Од регионална перспектива, Европа и Централна Азија забележаа најнезначителна загуба на работни часови во споредба со нивоата пред пандемијата - 2,5 отсто.
„Потоа следуваат Азија и Пацификот со 4,6 отсто, Америка со 5,4 отсто, Африка со 5,6 отсто и арапските држави со 6,5 отсто“, се вели во извештајот.