Zuhal Demirci
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
ЛОНДОН (АА) – Во Велика Британија има предлог секоја наредна година постепено да се зголемува возраста за купување цигари со цел да се намали стапката на пушачи низ целата земја на помалку од 5 проценти до 2030 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот што го побара британскиот министер за здравство, Саџид Џавид од Џавид Кан, поранешен висок менаџер на британската добротворна организација за деца „Barnardo's“, даден е предлог постепено секоја наредна година да се зголемува возраста за купување цигари.
Целта е да се зголеми возраста за купување цигари, која е определена на 18 години во земјата, и со тоа да се отежни пристапот до тутунски производи и да се достигне целта на Владата (Smokefree 2030) за намалување на стапката на пушачи на помалку од 5 отсто до 2030 година.
– Даден е предлог да се забрани продажбата на тутунски производи во супермаркетите –
Во извештајот се повикува Владата да ја забрани сета онлајн продажба на тутунски производи и да не дозволи супермаркетите да продаваат тутунски производи низ целата земја.
Меѓу другото, во извештајот е вклучена и препораката на Националниот здравствен систем на Велика Британија (NHS), во секоја интеракција со пушачите, здравствените работници, без разлика дали се општи лекари, болници, психијатри, акушерки, фармацевти или стоматолози, да даваат „совети и поддршка за да се откажат од пушењето“.
Во извештајот, во кој се споменува и дека треба да се направи нова евалуација за пакувањата за да се намали атрактивноста на пакувањата цигари, се препорачува и медиумска кампања за поттикнување на откажување од пушење.
Британскиот министер за здравство, Саџид Џавид, ќе ги оцени препораките во извештајот на Кан.
– Во Велика Британија има околу 6 милиони пушачи -
Во Велика Британија има околу 6 милиони пушачи, а бројот на пушачи во Обединетото Кралство изнесува 7 милиони. Тутунот останува да биде единствената најголема причина за болести и смрт која може да се спречи.
Се проценува дека пушењето предизвикува четвртина од смртните случаи од рак во Англија. Познато е дека во земјата 75.000 луѓе починале во 2019 година поради болести предизвикани од пушењето.
Во Велика Британија, болестите предизвикани од пушењето го чинат Националниот здравствен систем (NHS) 2,5 милијарди фунти годишно.
– „Треба да го отежниме патот да се стигне до цигари“ -
Џавид Кан, кој го подготви извештајот, рече: „Треба да го отежниме патот да се стигне до цигари, да се најдат полесни начини за откажување од пушењето и да се отвори патот за генерација без чад.“
Повикувајќи ја Владата да ги надмине нејзините сегашни цели, Кан додаде: „Владата треба да биде похрабра. Треба да стори повеќе за да ги заштити идните генерации од овој високозаразен и смртоносен производ. Владата мора да направи сѐ што може за да ја одврати тутунската индустрија од продажбата на тутунски производи.“