Ekipa
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ГАЗА (АА) - НУР ЕБУ ИЈШЕ - Во Појасот Газа, кој од 2006 година е под израелска блокада, формиран е фудбалски клуб кој го сочинуваат палестински деца со ампутирани екстремитети, пишува Anadolu Agency (AA).
Клубот е основан под надзор на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а палестинските деца во клубот ги тренира генералниот секретар на Европската фудбалска федерација за лица со ампутирани екстремитети, Симон Бејкер.
Од Комитетот потврдуваат дека станува збор за првиот фудбалски клуб за деца со ампутирани екстремитети на Блискиот Исток.
Ајше Абдула има 10 години и е една од членовите на овој клуб. Ампутацијата на левата рака, тешките услови за живот во блокираната Газа се фактори поради кои Ајше не може да каже дека имала убаво детство во Газа.
Во новоформираниот клуб ја има позицијата на голман и вели дека е среќна што денес сепак може да се занимава со спорт. Таа потенцира дека фудбалот ѝ ја вратил самодовербата.
„Преку овој спорт можам да ја докажам мојата сила, можам да ги покажам сите вештини што ги поседувам“, рече Абдула, чија цел е еден ден да учествува на меѓународни натпревари.
Портпаролот на Црвениот крст во Газа, Сухејр Закут, за АА изјави дека фудбалскиот клуб за деца со ампутирани екстремитети во Газа е првиот клуб од ваков вид на Блискиот Исток.
„Нашата цел е да ги собереме децата во Газа на кои им е ампутирана една нога или една рака, да ги социјализираме и да ги вратиме во општеството“, рече Закут. Тој додаде дека Симон Бејкер ќе ги тренира палестинските деца во следната половина година.
Во Газа има пет фудбалски клубови за лица со ампутирани екстремитети, со околу 60 играчи. Закут рече дека Црвениот крст има за цел да ги поддржи сите овие клубови и да им овозможи да настапуваат на меѓународни натпревари.